Заткулисната одлука на архиепископот г.г. Стефан, во име на Архиепископски црковно-народен суд, да уважи неканонска пресуда на невалиден Епархиски суд на Петар за екскомуникација на верник од црковна општина на г. Тимотеј, претставува бесрамно минирање на двегодишниот процес за конечно регистрирање законска Македонска православна епархија во Австралија.
Ова денеска го истакна претседателот на македонските црковни заедници во Австралија, Игор Аврамовски Александров, како реакција на потписот од страна на архиепископот г.г. Стефан на решението на Архиепископскиот црковен суд со кое се потврдува скандалозната одлука на владиката г. Петар за екскомуникација од православието на Александров, и додава дека одлуката е донесена од страна на неканонски Епархиски суд, кој нема никаква надлежност ниту врз него ниту врз кој било друг верник од општините под надлежност на владиката Тимотеј.
– Со своерачен потпис архиепископот на МПЦ го нарушува сопствениот авторитет и грубо го погазува договорот кој самиот, на чело со Синодот, го постигна во 2012 година со претставници на 14 македонски православни храмови од Австралија, за нивно влегување под надлежност на г. Тимотеј со цел да се надмине расколот наметнат од недостојниот владика Петар. Архиепископот ги претвора Синодот и Архиепископскиот црковен суд во предмети на потсмев и недоверба – вели Александров.
Според него, намерата г. Петар, со изнудениот потпис од г.г Стефан е да се минира првото Епархиско Собрание на Австралија на чело со г. Тимотеј предвидено за јануари, 2015 година. На собранието треба формално да се усвои нацрт-статут за регистрирање на Епархија во Австралија, кој е подготвен во согласност со Уставот на МПЦ и начелата договорени на нашите преговори на Синодска комисија предводена од самиот г.г. Стефан.
Александров вели дека со таквите акти конечно ќе се регулира надлежноста на Синодот на МПЦ врз храмовите во Австралија и со тоа ќе се разобличи до крај лагата на Петар дека тамошните црковни општини се против МПЦ и дека единствен начин храмовите во Австралија да бидат под јурисдикција на МПЦ е тој лично да биде законски сопственик на нивните имоти.
– Но, Петар знае дека нашите општини нема да прифатат јурисдикција ако тоа значи да бидеме под заложништво на корумпирана институција во која тој со потпис на Архиепископот, може да екскомуницира верници и непокорни членови за на тој начин да ги уништи нашите храмови. Затоа и го турка Архиепископот во вакви постапки – тврди претседателот на македонските црковни заедници.
Тој во интерес на достоинството и единството на МПЦ отворено го повика Светиот Архиерејски Синод веднаш да ги санкционира ваквите злоупотреби на функциите на МПЦ за лични интереси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.