| четврток, 6 декември 2018 |

Привршува снимањето на филмот „Ослободување на Скопје“

На филмот ќе дебитира 10-годишниот Давид Тодосовски, кој во филмот ја толкува главната улога, ликот на Зоран

Osloboduvanje na Skopje film (3) (Custom)

Во Скопје привршува снимањето на долгометражниот филм „Ослободување на Скопје“, чијшто режисер е Раде Шербеџија, а во главната улога првпат на филм дебитира 10-годишниот Давид Тодосовски во улогата на Зоран.

– Убав е филмот. Убава е улогата. Ништо не е тешко. Интересно е. Овде е поубаво отколку на училиште – вели младиот Тодосовски кого Шербеџија го одбра меѓу многу пристигнати кандидати на аудицијата и го најави како голем актер.

Денеска на снимањето присустуваше и министерката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа-Милевска.

Osloboduvanje na Skopje film (4) (Custom)

– Навистина ми е драго што можев да присустувам на еден сет од снимањето на „Ослободување на Скопје“. Ме радува што целосно е запазена динамиката на снимање на филмот. Како што ме информираа, снимањето добро се одвивало на сите локации. Имав среќа да го видам и младиот актер Давид, кој го толкува главниот лик во филмот, и кој верувам дека ќе се прослави со овој филм. Раде Шербеџија е внесен со целото срце и душа во снимањето. Навистина ми е драго што овој филм е во копродукција со Хрватска и со Финска. И финскиот копродуцент е тука и тој изрази големо задоволство од тоа што е сработено и од текот на снимањето на филмот. Навистина очекувам позитивни реакции – изјави Канческа-Милевска.

Денеска се снимаше депортацијата на Евреите која се случила во Скопје во 1944 година.

Osloboduvanje na Skopje film (9) (Custom)

 

– Тогаш биле депортирани 2.500 Евреи. Имаме полно статисти, околу 600. Завршуваме со снимањето в петок, на Свети Никола – изјави Шербеџија.

Филмот почна да се снима во Велес, а потоа продолжи во Битола. Како што беше најавено, ќе финишира на Свети Никола, в петок, на 19 декември. Според најавите, „Ослободување на Скопје“ би требало да биде готов летото во 2015 година.

Сценариото е на Душан Јовановиќ и на Шербеџија, кој играл во праизведбата на драмската претстава во Загреб во седумдесеттите години на минатиот век. Во таа претстава детските ликови ги играле децата на Шербеџија, Луција и Данило, кои денес, исто така, се вклучени во филмот – Данило како копродуцент, а Луција како актерка што го глуми ликот на Лица.

Osloboduvanje na Skopje film (11) (Custom)

– За мене како продуцент е најважно што завршуваме кога ветивме. Беше напорно. Мислам дека имавме исклучително добро снимање за што е заслужна екипата, а и времето кое многу ни помогна – изјави продуцентот Роберт Насков.

Актерската екипа е интернационална и ја сочинуваат Давид Тодосовски, Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула и Аксел Мехмед. Директор на фотографија е Дејан Димески, а Влатко Стефановски е автор на музиката за филмот.

Osloboduvanje na Skopje film (1) (Custom)

Директор на фотографија е Дејан Димески. Филмот доби финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Финскиот филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Еуримаж. Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Хрватот Игор Нола. Филмот ќе чини 2,110 милиона евра, од кои Македонија дава 1.250.000 евра, а Еуримаж 310.000 евра.

фото: Игор Ангеловски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top