| четврток, 6 декември 2018 |

Елизабета Канческа-Милевска: Хорската музика е фундамент на македонската култура

06 dirigenti - horovi

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска оствари средба со диригентите на хорските состави, на која се разговараше за состојбите во хорската дејност. По средбата, министерката за култура во изјавата за медиумите го истакна значењето на хорските ансамбли, кои како здруженија на граѓани, активно дејствуваат во Република Македонија и го збогатуваат културниот живот во нашата земја.

– Хорската музика е фундамент на современата македонска култура имајќи го предвид фактот дека голем број македонски композитори, особено од првата генерација, го пронашле сопствениот јазик  преку овој вид творештво. Токму затоа, дејствувањето и поддршката на овие ансамбли е високо во приоритетите на годишните програми на Министерството и со задоволство ќе забележам дека средствата за оваа дејност, од година во година, се зголемуваат – рече Канческа-Милевска.

На средбата беа присутни Летка Полизова, диригент на хорот „Света Злата“, Сашо Татарчевски, кој раководи со професионалниот мешан состав „Про Арс“ и со Хорот при МКЦ, Ивица Зориќ, кој диригира со хоровите „Менада“ и детскиот хор „Лале“, а организатор е на хорскиот фестивал ТЕХО, Љубо Трифуновски од Хорот при КУД „Стив Наумов“, Марија Андоновска од хорот „Кочо Рацин“, како и Илија Атанасов кој дигигира со хоровите „Вардар“, „Гортинија“ и „Мирче Ацев“.

-Ценам дека овие средби се извонредно значајни за идентификувањето на проблемите со кои се соочуваат музичките состави во нашата земја. Во таа насока, сакам да го изразам моето уверување дека во иднина заеднички ќе вложиме напори  да ги надминеме тешкотиите со кои се соочуваат хорските состави во Република Македонија. Ќе работиме на обезбедувањето соодветни услови за работа на хоровите, нивна континуирана поддршка, ќе го поттикнуваме формирањето нови состави, подигањето на квалитетот на ансамблите, а сметам дека особено значаен сегмент е и творештвото, кое треба да бележи многу повеќе новосоздадени дела за хорска изведба – истакна Канческа-Милевска и додаде дека со поддршка на центрите за култура ќе се направат напори да се обезбеди простор за дејствување на некои од хорските состави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top