| четврток, 6 декември 2018 |

Енергетската иднина на планетата

energy planet

Глобалната побарувачка за енергенти до 2040 година може да порасне на 35 отсто, при што користењето на алтернативните извори на енергија значително би пораснало.

Исто така, ќе се зголеми и користењето на нуклеарната енергија и на природниот гас, додека употребата на јаглен ќе се намали поради заштита на животната средина.

Анализата на американската енергетска компанија „Ексон мобајл“ насловена „Енергетска перспектива 2015: поглед на 2040 година“, покажа дека растот на средната класа во земјите во развој ќе доведе до премин на горива со ниска емисија на штетни гасови.

Иако се очекува дека светската популација во 2040 година ќе порасне на бројка од девет милијарди од сегашните седум, побарувачката за енергенти и емисиите на штетните гасови веќе почнуваат да се намалуваат во развиените земји благодарејќи на зголемената ефикасност, соопшти „Ексон“ и предупреди дека без ефикасност и развој на технологијата, вкупната побарувачка на енергенти може да скокне и за 140 отсто.

Во анализата, исто така, се наведува дека глобалната емисија на јаглерод диоксид настанат со користење на енергентите од 2010 до 2030 година ќе порасне за 25 отсто, а потоа ќе падне за околу пет проценти до 2040 година.

Иако тој раст на емисијата на јаглерод двооксид е висок, тоа ќе биде само половина од нејзиниот раст во периодот од 1980 до 2010 година.

Користењето на алтернативните извори на енергија, како што оценува „Ексон“, во иднина треба да се зголеми значително, при што капацитетот на соларната енергија од 2010 до 2040 година ќе се зголеми за околу 20 пати, а обемот на енергијата добиена од силата на ветерот за околу петпати.

Процените се дека производството на енергија од нуклеарните електрани ќе порасне за околу 90 отсто, во што први ќе бидат Индија и Кина.

Од природниот гас во 2040 година ќе се добива 135 отсто повеќе електрична енергија отколку во 2010 година, со што тој енергент ќе го замени јагленот како најголем извор на електрична енергија, смета „Ексон“.

Според прогнозите на американската компанија, уделот на јагленот во производството на електрична енергија до 2040 година ќе падне на околу 25 отсто од актуелните 40 отсто бидејќи повеќето земји во светот ќе преминат на еколошки горива за да го подобрат квалитетот на воздухот и да ја ограничат емисијата на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top