Мехмет Гормез, нависокиот верски авторитет во Турција, беше подложен на лавина жестоки критики поради одлуката за службено возило, купено со пари на даночните обврзници, да го одбере луксузниот модел „Mercedes S 500“ по цена од 350 илјади евра, пишува дневниот весник „Хуриет“ (Hurriyet).
Дијанетот, управата за верски прашање којашто е финансирана со пари од даночните обврзници, го купила покрај „Mercedes S 500“ уште 14 возила од марката „тојота“ за своите службеници кои досега се возеа во поскромните „рено симбол“, варијанта „рено клио“.
Изборот на Гормез ги разгневи Турците кои на социјалните мрежи истакнуваат дека екстраваганцијата е спротивна на исламските начела.
„Да ја повикаме жешката линија на фетва (според исламскиот закон обврзувачко мислење на исламските теолози) и да прашаме дали е харам (забрането) според исламот да се купи луксузно возило за претседателот на Дијанетот, со парите на луѓето“, напиша славниот поранешен турски фудбалер Хакан Шукур. Други обични и познати личности на социјалните мрежи и во медиумите побараа оставка на Гормез.
Управата за верски прашања не го демантираше купувањето, меѓутоа тврди дека цената е помала од наведената во медиумите и дека сите возила биле купени со одобрување на министерството за финансии, како и дека се’ е транспарентно.
Инаку Мехмет Гормез беше единствен од верските челници коишто не го примија челникот на Римокатоличката црква папата Франциск за време на неговата посета на Турција во ноември. Како познат противник на секаков луксуз, папата тогаш се возеше во автомобил „рено симбол“
Секуларна Турција, во којашто речиси деценија и половина на власт конзервативната исламистичка Партија на правдата и развојот (АКР), бурно реагираше и неодамна кога се изненади од трошењето на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој првпат во чест на посетата на Папата ја претстави за јавноста новата претседателска палата во Анкара со повеќе од илјада соби. Таа раскошна палата чинела 500 милиони евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.