Скопскиот џез фестивал ќе гостува во Њујорк, каде на 19 декември (петок) ќе има своја презентација. Настанот „Скопје џез фестивал во Њујорк”, чија цел е да ја претстави и промовира македонската џез култура и традиција, ќе се одржи во познатиот џез клуб „Студио 151″, а во соработка со Македонскиот културен центар во Њујорк.
Вечерта ќе биде отворена со изложба на најуспешните и наградени плакати од историјата на Скопскиот џез фестивал, а ќе продолжи со коктел и концерт на Тони Китановски Трио. Како специјални гости на вечерта, њујоршката публика ќе има можност во живо да ги чуе Хардеџ, трубачот Грахам Хајнс, гитаристот Брандон Рос, како и македонскиот музичар Дуке Бојаџиев.
Њујорк отсекогаш играл значајна улога во уметничката концепција на Скопскиот џез фестивал низ неговата импресивна 33-годишна историја. Скопје на својата џез сцена ги пречекал речиси сите креативни имиња кои доаѓаат од најплодната средина за импровизирана музика во светот. Овој пат, Њујорк го возвраќа гостопримството, со вечер на одличен македонски џез, уметност и дизајн и врвно македонско вино.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.