Со лажен профил до средба, со туѓо име и картичка до купување преку интернет, со лажна, украдена лична карта за склучување договор… Злоупотребата на лични податоци станува сѐ поголем проблем на глобално ниво, а на опасностите од ваквиот вид криминал се изложени и македонските граѓаните. Во секоја пригода на оставање личните податоци граѓаните ризикуваат нивната приватност да биде повредена. Личниот податок е нешто многу важно и претставува основно човеково право, но луѓето недоволно посветуваат внимание на неговата заштита и чување. Сѐ поголемиот број повреди на ова право се резултат на недоволно развиената свест кај населението и кај младите лица за опасноста од злоупотреба на нивните лични податоци, особено во однос на податоците што ги споделуваат на социјалните мрежи. Луѓето, најчесто, не се свесни каде сѐ го даваат матичниот број и бројот на личната карта или на банкарската картичка и малкумина се информираат за ризиците што произлегуваат од лесниот пристап до тие податоци.
Дирекцијата за заштита на личните податоци во последниот период најмногу бележи крадење и злоупотреба на лични податоци на интернет, но и измама со платежни картички.
– Еден од најчестите случаи на злоупотреба на личните податоци е создавањето лажни профили на интернет-порталите, преку кои креаторите на овие лажни профили комуницираат со други лица претставувајќи се во името на засегнатото лице. Во изминатиот период Дирекцијата постапуваше по неколку вакви претставки, за лажни профили на познати личности од Република Македонија. Овие профили беа отворени на портали што не се регистрирани во нашата држава и кои не потпаѓаат под нашето законодавство, но, сепак, Дирекцијата како орган што ги штити приватноста и личните податоци на граѓаните, стапи во контакт со тимовите за поддршка на овие портали и профилите беа отстранети од нивните интернет-страници – велат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Кај нас е најчеста компјутерската измама
Терминот „кражба на идентитет“ не постои во Кривичниот законик на РМ, но постои член 149 – „Злоупотреба на личните податоци“ со кој е опфатен и регулиран. За поднесување кривична пријава по овој член постапува Министерството за внатрешни работи. Жртвите од кражба на идентитет, односно лицата, чиишто лични податоци се злоупотребени, можат да претрпат најразлични последици и загуби, како на пример огромна материјална штета или користење на нивниот идентитет за криминални активности од други лица.
Законот за заштита на личните податоци ги заштитува само правата на физички лица, значи на секој граѓанин, додека правните лица немаат право на приватност. Повеќето кривични дела по член 149 од нашиот Кривичен законик одат во кривичната пријава, заедно со уште неколку други – за измама (член 247), за компјутерска измама (член 251-б), лажни платежни картички (член 271) итн.
Според податоците на МВР, во изминатиот период, односно во текот на 2012 година, за злоупотреба на лични податоци се откриени вкупно 12 дела и се поднесени 13 кривични пријави, а за користење лажни платежни картички се регистрирани четири случаи и се поднесени 12 кривични пријави. За измама и за компјутерска измама се евидентирани вкупно 578 случаи со 535 кривични пријави. Во 2013 година бројот на кривични пријави за злоупотреба на лични податоци останува непроменет, додека зголемена е бројката на случаи за злоупотреба на личните податоци на 26. Во однос на пријавите за користење лажни платежни картички статистиката покажува дека во 2013 година има намалување на бројот на случаи, забележани се две дела со осум кривични пријави, но е зголемен бројот на измами и на компјутерски измами – 739 дела со 689 поднесени кривични пријави. За 2014 година не добивме податоци од МВР, велат потребна е една недела за да бидат доставени.
Внимавајте каде го давате матичниот број
Често добивате порака дека сте среќен добитник на некоја лотарија од странство, пријатно сте изненадени, но, верувајте, станува збор за измама. Ви бараат да ги испратите своите лични податоци, односно копија од пасошот или од возачката дозвола, адреса, број на телефон и сметка на која би можела да се уплати наградата. Ги ризикувате своите податоци, а, од другата страна, пак, имате измамници, кои ви бараат некаква уплата за да ви ја исплатат добивката, за подоцна, секако, да исчезнат. Најтешко е да им се влезе во трага затоа што располагаат со голем број лажни лични податоци. А вашите податоци, кои сте ги испратиле, можат да се искористат за правење фалсификувани документи. Односно, да ви го украдат идентитетот.
Имајќи предвид дека во Македонија е зголемен трендот на трговија преку интернет и се отвораат е-продавници за таа цел, граѓаните треба да бидат внимателни бидејќи личните податоци оставени при купување преку вакви продавници може да бидат злоупотребени затоа што тие не се секогаш сместени на сервери во Македонија. Мал е бројот на поплаки што Дирекцијата за заштита на личните податоци ги добила во изминатите две години, а се однесуваат на злоупотреба на лични податоци при купување преку интернет.
Од таму нагласуваат дека е најопасно да се дава ЕМБГ таму каде што не е потребно за утврдување на идентитетот.
– ЕМБГ е посебна категорија лични податоци и е регулиран со член 8 од Законот за заштита на личните податоци. Матичниот број на граѓанинот е индивидуална и неповторлива ознака на идентификациските податоци и може да се обработува само врз основа на претходна согласност на граѓанинот или под услови утврдени со закон. Преку матичниот број лесно може да биде повредена приватноста на секој граѓанин, затоа треба да се внимава кога и за која цел се дава. Тоа е обврска на секој граѓанин – велат од Дирекцијата.
Исто така, Дирекцијата за заштита на личните податоци е надлежна да врши надзор над законитоста на обработката на личните податоци поради постоењето реална можност за злоупотреби од страна на контролорите, односно тие субјекти што имаат законско право и овластување да располагаат со лични податоци (фирми, компании, институции, државни органи) и кои водат електронски бази на податоци. Во согласност со Законот за заштита на личните податоци, тие имаат обврски за примена на соодветни технички и организациски мерки за тајност на обработката на личните податоци.
Случаите кога граѓаните се сомневаат во законитоста на обработката на личните податоци ги пријавуваат во ДЗЛП, а Дирекцијата постапува непосредно и ефективно во насока на утврдување злоупотреба и може да изврши вонреден инспекциски надзор во институцијата за која е стасана претставката. При обработување на матичниот број на граѓанинот, контролорот има обврска секогаш да внимава да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци. Ако, пак, се утврди дека контролорот го повредил правото на заштита, тогаш тоа лице треба да плати глоба од неколку илјади евра.
Сепак, освен кај контролорите, потребно e и кај македонските граѓани да се зголеми јавната свест и да се негува правото на приватност и на заштита на личните податоци.Треба да бидеме свесни за можните злоупотреби бидејќи, освен право на заштита, имаме и обврска да ги чуваме личните информации.
(Пишува: Јана Јосифовска
Текст објавен во 118. број на неделникот „Република“, 5.12.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.