Несим Демири (37 год) од село Кочилари, актуелен оџа во Џамијата во Велес е фатен како превезувал илегалци од Блискиот исток, објави велешкиот портал „Ти реков, ми рече“. Настанот се случил вчера попладне, околу 16,45 ч. на автопатот Гевгелија – Скопје, кај селото Смоквица , пред тунелите кај Демир Капија.
При рутинска контрола на полицијата, било сопрено патничко возило марка ,,мерцедес вито,, со велешки регистарски таблички. Во него полицијата пронашла четири сириски државјани, кои илегално влегле во Македонија а возилото било управувано токму од велешкиот оџа Демири.
Сите петмина биле приведени во Полициска станица во Неготино. Од МВР ја потврдија информацијата и додаваат дека до Обвинителството за организиран криминал, против возачот е поднесена кривична пријава за ,,криумчарење емигранти,, а надлежен судија му одредил мерка притвор од еден месец.
Демири од почетокот на месецов е повторно оџа во Фазли Ахмет Паша Џамијата кај велешани позната како Црна Џамија. ТРМР пишуваше пред две години дека летото Демири побегна за Германија, без објаснување а верниците ги бараа и парите во висина од 6-7 илјади евра. Тој за Германија замина со љубовницата а во Велес ја остави сопругата, преку која во Велес промовираше носење на бурка (муслиманска носија со која жената е прекриена и се гледаат само очите) а преку суд побара развод од неа.
По заминувањето на Демири од Велес, неговата сопруга ја симна бурката. За Несим, кој завршил во Саудиска Арабија подолго време се шпекулираше дека е припадник на радикалниот исламизам и дека вешто го шири меѓу верниците во градот. Неговите соседи се чудат и ден денес, како со така мал број верници во Џамијата, со мала економска моќ од градот, Демири успеа да смени четири скапи коли, меѓу нив и мерцедес, ауди БМВ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.