Инфекциите отпорни на постојните лекови до 2050 година може да убиваат на глобално ниво и по десет милиони луѓе годишно, што е повеќе отколку сегашната смртност од ракот, доколку не се преземат соодветни мерки, покажуваат истражувањата што се направени во Велика Британија.
Од разните инфекции предизвикани од бактерии што се отпорни на лекови во светот годишно умираат по 700 илјади пациенти, додека во Европа и во САД, од овие причини сега починуваат по 50 илјади луѓе.
Анализата што ја направи британскиот економист Џим О’Нил открива дека непреземањето посебни мерки за борба со „супербактериите“ би можело да ја чини светската економија до 100 милијарди долари.
Според О’Нил, овој износ на потенцијална штета е огромен и тој е еднаков на вредноста на 35 годишни британски БДП, што сега изнесува по три билиони долари годишно. Тоа значи дека штетата би била како Велика Британија цели 35 години целосно да не учествува во глбалната економија.
Во извештајот, О’Нил, кој е познат по своите анализи на економиите на земјите со забразан развој, вели дека ударот од ваквото „мрачно сценарио“ би се почувствувал токму кај земјите од групата БРИК (Бразил, Русија, Индија и Кина) и во заедницата МИНТ (Мексико, Индонезија, Нигерија и Турција).
Во Нигерија, на пример, до 2050 година се проценува дека еден од четворица починати лица ќе умрат како последица на инфекции отпорни на лекови, додека во Индија годишно од овие причини ќе се губат по два милиони човечки животи.
Британскиот економист затоа оценува дека поддршката од земјите од овие две групации може да биде витална во борбата со оваа потенцијално голема закана. О’Нил забележува дека Кина во 2016 година ќе биде домаќин на самитот Г20, а од Пекинг уште сега најавуваат оти надминувањето на отпорноста од антимикробите ќе биде високо на агендата на Самитот.
Џим О’Нил смета дека светот треба веднаш да работи на проблемот, забрзувајќи ги истражувањата за нови лекови, во глобална соработка околу користењето на лековите што им се даваат на луѓето, но и за тоа како да се измени земањето лекови за да се намали растот на отпорноста од нивното дејство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.