Што ќе добиете ако Игор Џамбазов реши да раскажува за својот живот? 250 страници фантастично, забавно четиво полно со хумор, куп комични пресврти и неверојатни ситуации, пикантерии, интриги, и најмногу од сѐ – искреност. И сето тоа зачинето со неповторливиот, за Игор толку препознатлив, стил на раскажување. Промоцијата на десетте раскази, десетте приказни на „облечениот човек“ кои мора да се прочитаат, е закажана за в понеделник во кафулето „Форца“. Шоуменот вели, поканата е отворена за сите што имаат желба. Со него разговаравме неколку дена пред промоцијата на десетте приказни, кои, верувајте, ќе ви дадат десет причини за повторно да ги прочитате, и повторно, и повторно… А страниците се премалку за сето тоа што Игор има да го каже… Затоа утрешниот број на неделникот (12.12.2014) ви пренесува дел од разговорот со Џамбазов. На „Република ТВ“ пак, викендов ќе можете да го погледнете целиот разговор со човекот што секогаш има да раскаже нешто ново.
Откако се соблече, Игор сега се облече. По „Гол човек“ и „Прирачник за анти-антиалкохоличари“, во „Приказни од Мјаукедонија“ имавме едно нормално секојдневие низ очите на една мачка. Сега следува „Облечен човек“.
Џамбазов: „Облечен човек“ е една книга раскази од 80-тите и од 90-тите години на минатиот век. Приказни од моето детство, мојата младост… приказни кои целиот живот ги раскажувам на моите најблиски пријатели, но не сум ги раскажал јавно. Тоа се приказните што, како татко ми Џамбаз, ги раскажувам веќе 20-25 години, понекогаш се случува и на истите луѓе по неколку пати, но никогаш не се случило да ги филувам затоа што се вистински, човечки и возможни, иако во животот одамна сѐ е невозможно. Тоа се обични приказни за љубовта, духовноста, безгрижното детство, поведрата страна од мојот живот. Главно, се приказни за жени кои се заштитени со псевдоними. Сите други се со оригиналните имиња или прекари. Станува збор за жени што денеска имаат семејства, а мажите се чудна категорија, па ги заштитувам за да не дојде до несакани последици. Но, нема лош збор во книгата. Во мојот живот жените биле посебно поглавје.
Зар по толку раскажани приказни за жените остана некоја нераскажана?
Џамбазов: Некои не биле јавни личности, па сметав дека не се интересни. Но, имам споменато и некои од нив. Немам посебни раскази за нив, се провлекуваат низ други расказите како објаснување на некоја зададена тема. Преку педесет проценти во книгата се љубовни приказни. Главно, несреќни љубовни приказни во кои жртвата сум бил јас и обично станува збор за доминантни жени во чиишто раце сум бил играчка. Ова е приказна за жените што ме направиле маж.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.