Охрид нема да ја отстапи златната маска на новиот археолошки музеј во Скопје, пишува „Дневник“. Ниту предметите откриени пред десетина години на Горна Порта ниту атрактивните архајски артефакти откриени пред повеќе децении на некрополата кај селото Требеништа нема да бидат изложени во археолошкиот музеј што треба да биде отворен до крајот на годинава. Сите заедно ќе бидат изложени во музејот „Робевци“ во Охрид, вели директорката на охридскиот Завод и музеј, Тања Паскали-Бунташеска.
Поставката за новиот археолошки музеј, замислен како огледало за целата материјална култура на Македонија низ вековите, треба да биде составена, главно, од колекцијата на Музејот на Македонија, чиј археолошки дел треба да се пресели во новата зграда крај реката Вардар. Многу витрини ќе бидат пополнети од богатите гробови на некрополата Исар, кај валандовското село Марвинци, кои во изминатите пет години интензивно беа истражувани. Сепак, според Паско Kузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, сите музеи и заводи во земјава ќе треба да отстапат дел од материјалот. Институциите во внатрешноста нема да бидат сосема испразнети за да продолжат со нивната музејска дејност. Начелно, договорено е од порепрезентативните предмети да се направат копии.
Паскали-Бунташеска вели дека сè уште не е решено што ќе биде повлечено од Охрид.
– Ќе одлучиме заедно со археолозите. Во секој случај, златните предмети ќе бидат изложени во златната соба во „Робевци“ – вели таа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дефект со инсталацијата – причина за пожарот во Археолошкиот музеј
-
За „Бела ноќ“ отворено и бесплатно од 18 часот до полноќ во Археолошкиот музеј
-
Предисториските ризници во Чешка ќе се презентираат во Археолошкиот музеј
-
По повод 8 март: Отворена изложбата „Накитот низ вековите од Република Македонија“ во Археолошкиот музеј