| четврток, 6 декември 2018 |

Бесими – Кас Грање: Политичкиот дијалог да се води со конструктивен однос во рамки на институциите

besimi

Клучните приоритети на Република Македонија во процесот на европската интеграција, како и нејзините перспективи и реформите што се преземаат за реализација на европската агенда беа теми на кои денеска во Скопје разговаа заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Фатмир Бесими и директорот во Директоратот за проширување на Европската комисија, Александра Кас Грање.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, вицепремиерот Бесими истакна дека евроатлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на земјата, а Владата продолжува да ги спроведува потребните реформи и мерки за натамошно правно и институционално приближување кон Европската унија.

„Соговорниците ја истакнаа определбата на Република Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, како и тоа дека сите субјекти треба да работат на реформите, а политичкиот дијалог да се обезбедува со конструктивен и одговорен однос во рамките на институциите што ќе биде од значење за интеграциите на нашата земја“, се вели во соопштението.

На состанокот, се наведува, се разговараше за остварувањата во рамките на Акцискиот план и за активностите предвидени со Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА), како и за приоритетите кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ, утврдени со Пристапниот дијалог на високо ниво, како што се: слободата на изразување и медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, добрососедските односи, регионалната соработка и зголемување на економскиот пораст и вработувањето.

Исто така, вицепремиерот Бесими нагласи дека Владата на Република Македонија, како и националните ИПА структури се посветени на подобрување на ефикасноста и ефективноста на воспоставениот децентрализиран систем за спроведување (ДИС) на ИПА.

– Оттука со конкретни мерки и рокови,  директно се работи на подобрување на работењето на овие структури, како и редовно следење на направениот напредок од страна на Владата на Република Македонија.  Зајакнувајќи го сегашниот ДИС систем и прилагодувајќи го на новите трендови за спроведување, коишто како новина се внесуваат од 2015 година, Владата очекува директно влијание врз зголемување на апсорпцискиот капацитет за ИПА I и II, но и стабилен тек на спроведување на проектите, истакнал Бесими.

Во исто време, Владата, се додава, продолжува да ги дефинира областите и активностите за финансирање преку ИПА II.  Имено, по официјалното одобрување на ИПА Програмата за 2014, се започна новиот циклус на програмирање на ИПА Програмата за 2015, којшто треба да се комплетира до крајот на првата половина од 2015 година.

Денешната среба меѓу вицепремиерот Бесими и Александра Кас Грање е последна средба, по повод завршување на нејзиниот мандат како директор во Директоратот за проширување на Европската комисија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top