| четврток, 6 декември 2018 |

Лидерот на шкотските сепаратисти Алекс Салмонд ќе се кандидира за британски пратеник

skotska

Поранешниот прв министер на Шкотска и лидер на сепаратистичката Шкотска национална партија (СНП) Алекс Салмонд изјави дека ќе се кандидира за пратеник во британскиот Парламент од оваа партија на изборите во мај следната година.

Салмонд истакна дека ќе се кандидира во изборната единица во Абердиншер, во источниот дел на Шкотска, за местото што сега го има британската Либералдемократска партија. Ова место останува слободно, затоа што сегашниот пратеник на либералдемократите најави оти нема повторно да се кандидира.

Алекс Салмонд беше повеќе од десет години лидер на СНП и предводник на шкотските сепаратисти, а во речиси два мандата и прв министер на Шкотска. Поднесе оставка на двете функции по поразот на сепаратистите на референдумот за независност од 18 септември.

Тој ја отфрли понудата да биде лорд и член на Горниот дом на Парламентот во Лондон и се одлучи повторно да се врати во Вестминстер, каде беше пратеник пред неговата СНП да победи на изборите во Шкотска.

Во сегашниот состав на британскиот Парламент, СНП има само шест пратенички места или еден отсто од вкупниот број пратеници. Салмонд и новиот лидер на партијата Никола Старџен најавуваат многу посилен состав на СНП во идниот Парламент во Лондон, бидејќи веруваат во многу поубедлива победа на шкотските националисти на изборите во мај 2015 година.

На претходните избори британските лабуристи освоија 41 пратеничко место во Шкотска, од 59 колку што и припаѓаат на оваа британска покраина според квотата за Вестминстер.

Поради своите „валкани трикови„ Салмонд не беше омилен кај британските медиуми додека беше пратеник во Лондон. Тој учествуваше во „левичарскиот заговор“ против поранешниот премиер Тони Блер. Противниците на Блер тврдеа дека луѓето стануваат перови со помош на пари, давајќи донации за Лабуристичката партија.

Салмонд ја искористи внатрешната пресметка кај лабуристите за дискредитирање на оваа партија која е далеку најпопуларна британска партија во Шкотска, за пробив на неговата СНП, откако лабуристичкиот лидер и тогашен премиер Блер го пријави во Скотланд Јард за „корупциско однесување“.

Салмонд се повика на еден стар закон од 1922 година, кој до тогаш беше искористен само еднаш, но полицијата мораше да покрена истрага во која Блер трипати беше сослушуван како сведок.

Целата афера која се развлече со месеци, беше повод антиблер силите во неговата партија да изнудат од него да се повлече од Даунинг стрит 10 на половината од својот трет мандат како премиер, иако тој претходно најави дека ќе го отслужи до крај пред да се повлече.

Партиските „пучисти“ овозможија Гордон Браун да биде именуван за нов лидер на лабуристите и премиер, но тој успеа само да го заврши до крај мандатот што го освои Блер, неуспевајќи да ја добие довербата на гласачите на парламентарните избори во мај 2010 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top