Празникот посветен на Свети Климент Охридски е уважување на неговите дела кои се безвременски и се непроценлив дар за македонската национална и црковна историја. Ние сме горди што Св. Климент Охридски токму на македонско тло го создаде кирилското писмо и ја продолжи благородната мисија на Светите браќа Кирил и Методиј во описменување и јакнењето на христијанството кај луѓето преку кое просветли многу народи.
Ова го наведува претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски во честитката која од свое име и од името на пратениците по повод утрешниот празник Св. Климент Охридски им ја упати на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, на Синодот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и на православните верници.
Вељаноски истакнува дека придонесот со основањето на Охридската архиепископија и Охридската книжевна школа е цивилизациски симбол на една епоха во која се промовираат на најдобар начин вредностите на православието, христијанскиот дух и верата на луѓето.
– Кога зборуваме за сите овие вредности на закрилникот и патронот на македонскиот народ низ историјата, ние имаме должност да продолжиме во применувањето на овие цивилизациски придобивки на христијанството. Нека денешниот христијански празник претставува уште поголем поттик за меѓусебно разбирање и промовирање на воспоставената традиција на заедничко почитување и помагање. Заеднички да продолжиме да работиме за просперитет на Република Македонија и за безгрижна и светла иднина на следните поколенија, стои во честитката на Вељаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.