6 декември 2014
Слободна Далмација – Сплит
Во земјите на Европската унија дури 22 милиони деца имаат проблем со прекумерна телесна тежина, а тој број секоја година се зголемува за 400.000. Кај децата и младите со вишок килограми постои и поголема опасност дека на поголема возраст ќе имаат посериозни здравствени проблеми како зголемен крвен притисок, дијабетис, срцеви болести и болести на крвниот систем, па дури и некои видови на рак.
Хрватска е на високо шесто место меѓу европските земји на скалата на детска дебелина, во последните осум години бројот на дебели деца е двојно зголемен, а дури една петтина првачиња имаат прекумерна телесна тежина.
Податоците на Хрватскиот завод за јавно здравство, темелени на пример од 523 деца на училишна возраст во 2011 година на подрачјето на Загреб, покажуваат дека 29,8 отсто деца имаат прекумерна телесна маса, од кои 9,2 отсто се дебели, а 0,4 отсто екстремно дебели.
Пат во депресија
Покрај сериозното влијание на здравјето, дебелината посебно влијае на психичкиот развој, на потсмев на врсниците поради дебелината, критиките на родителите и други возрасни лица, како и незадоволството од сопствениот изглед, имаат големо влијание на детското чувство за самопочитување, а чувството на помала вредност може да води во депресија, асоцијално однесување и пореметување во исхраната.
Причините за дебелина се бројни – богата понуда на брза храна, премногу време поминато пред телевизор и компјутер, премалку физичка активност, генетско наследство… Покрај тоа голем број на родители некритички се однесуваат кон прекумерната тежина на своите деца, сметајќи ги само за полнички.
Проблемот за детската дебелина, кој поприми размери на глобална епидемија, не може брзо и едноставно да се реши, но примерот од Данска покажува како е тоа можно. Имено, таму се спроведува пилот-проект кој веќе дава значајни резултати.
Во градот Холбек во програмата учествувале 1900 пациенти, а 70 отсто од нив успеале да ја одржат нормалната тежина со промени и прилагодување на 20 елементи од начинот на живеење.
Педијатарот др. Јенс Кристиан Холм, кој го води проектот, ги повика другите нации да учат од данското искуство во борбата против дебелина кај децата.
– Зборувајќи општо, дебелите деца се занемарени. Често се осамени и многу од нив не учествуваат во активностите со своите врсници, им недостига самодоверба. Со оваа програма постои реална надеж дека можат да изгубат килограми и да имаат квалитетен живот – вели др. Холм.
Враќање во нормала
Дебелината е болест со која децата многу тешко сами можат да се изборат, а данскиот проект им создава опкружување и им дава насоки со чија помош децата и нивните семејства можат да го надвладеат тој проблем.
А борбата не е ни малку лесна. На почетокот на програмата децата остануваат во болница 24 часа поради интензивна контрола, одговараат на голем формулар со прашања за навиките и однесувањето. Програмата подразбира целосна промена во начинот на животот, за да се скрши природниот отпор на телото кон губењето на мастите, а секое дете во програмата добива персонализиран план кој се однесува на 15 до 20 секојдневни навики.
Резултатот на пилот проектот покажа дека 70 отсто деца опфатени со програмата ја намалиле телесната тежина и ја задржале на нормално ниво во тек на четири години, а тој успеј е постигнат со само пет часа медицински консултации просечно годишно по дете.
Програмата сега е прифатена во уште осум дански општини и подобро делува од многу други претходни обиди. Конечно, се чини е најден вистинскиот начин за мотивирање на семејствата да се фатат во костец со проблемот. Една од успешните приказни е на 9 годишно дете кое влегло во програмата со 40 отсто телесни масти и висок крвен притисок.
Тој бил интровертен, незаинтересиран во училиште и избегнувал физичка активност. Неговиот третман се уште не е завршен, но веќе масното ткиво го намалил за четвртина, повеќе излегува надвор, почнал да игра фудбал, учествува во трки и повторно има сјај во очите.
Белиот леб е штетен
Една од неопходните промени е времето поминато пред компјутер и телевизор, некои деца се залепени за екранот и по 12 часа дневно, а тоа време треба да биде лимитирано на најмногу 2 часа и тоа не пред 17 часот. Учесниците во програмата исто така мора да имаат одредено време за одење на спиење, што помага при регулација на хормоните и намалување на желбата за јадење на нездрава храна.
Типичната програма за слабеење и усвојување на здрави навики подразбира дека за појадок нема мусли или овошни јогурти, наместо тоа јадат овесна каша, црн леб, месо и риба. За ручек нема брза храна ниту бел леб, се јаде црн леб, месо, риба и зеленчук.
Порциите се ставаат во чинија во кујна, за ручек половина чинија треба да биде со зеленчук, четвртина со жолт ориз, тестенини или компир, а четвртина со немасна риба или месо. Пред земање на евентуална втора порција треба да се почека 20 минути, на телото да му се овозможи чувство на ситост.
Дневно можат да се изедат две парчиња овошје, брза храна е дозволена само еднаш месечно, а колаче еднаш неделно, исто така и некои грицки. Сокови, ладен чај, какао, сода или лимонада исто така треба да се лимитираат еднаш неделно, вкупно е дозволено најмногу половина литар.
До училиште треба да се оди пешки или со велосипед, детето да се занимава со физичка активност како танц, ракомет или гимнастика, исто и со слободни активности како пешачење или возење велосипед, шетање со куче и слично.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.