| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓорче Петров ќе добие пункт за итна медицинска помош

brza-pomos

Во Ѓорче Петров ќе биде отворен пункт за итна медицинска помош.  Со претходните пет, кои функционираат во рамки на скопските поликлиники, целосно ќе биде покриена територијата на градот. Здравствен Дом Скопје тоа ќе го реализира благодарение на новите вработувања што ги најави премиерот. За скопската служба се предвидени 20 лекари, 10 возачи и 10 медицински сестри. Бројка, која според надлежните значително ќе влијае на квалитетот на услугите.

-Секако дека овие вработувања ќе значат засилување на постојните капацитети. Има и возачи и сестри бидејќи тимовите се составени од тројца и не можат да функционираат поинаку. Ова значи многу  бидејќи со новите вработувања ќе може некои од лекарите да заминат и на специјализација – изјави Татјана Баевска – Вучковиќ директор на Здравствен дом Скопје.

Скопската брза помош располага со 23 возила и 55 тима составени од лекар, сестра и возач. Дневно имаат по околу 100 интервенции кај итни случаи.

-Со отворените пунктови што ги имаме во општините, може за многу кратко време да дојде возилото – вели Баевска

Премиерот Груевски најави 181 вработување во службите за итна медицинска помош за пополнување на испразнетите места. Освен 40 нови кадри предвидени за скопската служба, седум лекари, шест возачи и две сестри ќе добие и Штип, а неготинската служба за итна медицинска помош ќе биде засилена со четири лекари и со двајца возачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top