| четврток, 6 декември 2018 |

Андоновски: Кој го вмеша моето име?

Пред да се објават официјалните резултати од полициската истрага и првата акција за прекин на измамите на македонските фестивали, уште се нагаѓа за тоа за кого се местеше победата. Прво се целеше на тројцата првопласирани, а подоцна топката се префрли кај Викторија Лоба и на Димитар Андоновски. Повикувајќи се на неофицијални извори од МВР, дел од медиумите ги поврзаа нив со нечесните работи што се случуваа на последното издание на „Скопскиот фестивал“

И двајцата јавно се оградија од каква било поврзаност со оваа тема и сакаат да се стави крај на валкањето на нивното име со претпоставки, клевети и со шпекулации.

 

Ова е првпат твоето име да биде поврзувано со местење и со организирано гласање. Зошто мислиш дека токму тебе и Викторија Лоба, кои не бевте ни меѓу првите тројца, ве посочија како изведувачите за кои се гласало?
Андоновски: Кој го вмеша моето име? Кој ја измисли таа информација? Од каде моето име? Како што вие ме прашувате мене и јас ве прашувам – од каде е таа информација? Дали е тоа поттикнато од некој новинар, само заради популарност на статијата? Мене никој не ми се јавил, ни ме побарал за некаков разговор, а и на крај памет не ми паѓа дека се гласало за мене. По телефонското гласање јас завршив на петто место со 640 гласа, па дури и бев разочаран што имав толку малку гласови по толку продуктивна кариера, барем тоа е мое мислење. Јас кажав дека секогаш ќе стојам со исправена глава бидејќи мојата совест е чиста. Јас сум изведувач, пејач што ја сака музиката и живее за неа. Не страдам по никакви лажни награди и признанија, и секогаш велам дека најголемата награда е публиката. Ако песната допре до неа и ако песната остане да се пее, тоа е најголемата награда за секој изведувач.

 

Повеќемина останаа зачудени дека токму ти се најде среде оваа афера. Како реагираа твоите најблиски и пријателите?
Андоновски: Тие што го познаваат добро Димитар, знаат точно што се случува, знаат кој сум и што сум, знаат дека чесно си го заработувам лебот, знаат колку се изнамачив по 10 години кариера да успеам да направам нешто, па дури едвај и еден албум да склопам и да го издадам.

 

Dimitar-Andonovski-int117-2

 

Ја заврши соработката со „Горила продукција“, а дали овие шпекулации ќе спречат идна соработка меѓу тебе и „План Б“?
Андоновски: Јас сум во добри односи со сите менаџери и продукциски куќи. Моментно немам договор со никоја продукција, ниту, пак, со кој било менаџер. Сам се борам за себе. Откако излегов од „Горила“ добив понуди од повеќе продукции за можна соработка, меѓу кои и „План Б“, но сето тоа остана само на разговор и ништо конкретно. Доколку остварам соработка со која било продукција, ќе ве информирам.

 

Планираш ли сам да продолжиш засега?
Андоновски: Моментно сум свој на своето.

 

Го објави својот прв албум, а беше прогласен и за пејач на годината. Што да очекуваме следно?
Андоновски: Продолжувам да работам на мојот втор албум во еден поинаков правец. Се надевам, ќе внесам малку свежина и новост во музиката.

 

Од неодамна си во врс­ка со младата Христина од Прилеп. Пофали ни се малку и за новата љубов…
Андоновски: Веќе и го направив тоа на „Фејсбук“ (се смее). Можам да ви кажам дека многу убаво се чувствувам.

 

(Разговараше: Марина Костовска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 117. број на неделникот „Република“, 28.11.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top