Девојчиња на 12-годишна и на 13-годишна возраст сѐ почесто се занимаваат со проституција. Србија објави информација дека девојчињата го продаваат своето тело за 500 динари, а некои од нив за орален секс наплаќале со појадок, поточно бараат од муштеријата да им купи бурек и јогурт. Полицијата пронашла и девојка во седмиот месец од бременоста која орално ги задоволувала муштериите за 1.000 динари.
Во Македонија беа отворени неколку случаи на малолетничка проституција, но тоа сѐ уште е табу- тема. Иако нема толкав обем на организирана форма на проституција како во Србија, регистрирани се девојчиња на 12-13 години кои го продаваат своето тело за мобилен телефон. Во еден случај во земјава мајка ја нудеше својата ќерка на таксист за да избегне плаќање за такси- услугата. Во Штип неколку пати беше разбиен синџир на малолетничка проституција. Во еден случај жени што работеле како макроа беа приведени откако беше утврдено дека нуделе девојчиња за секс на клиенти, и за тоа наплатувале од 1.000 до 5.000 денари. Наспроти првиот случај, во кој мајка ја нудела својата ќерка, го имаме случајот во кој мајка го откри синџирот и го пријави во полиција.
– При еден нејзин телефонски разговор, кој ми се виде непримерен за нејзини години, ѝ го зедов телефонот, а сериозен машки глас од другата страна ми рече: „Кажи кукле“. Тогаш ми стана јасно дека нешто не е во ред и случајот го пријавив во полиција. Таа веднаш побегна од дома. Дури по 24 часа ја најдовме со нејзината другарка во Охрид, каде што ги однел некој таксист… Се случувало да најдам 500 денари кај неа, но се правдаше дека парите се на нејзина другарка. Во последниот месец почна да си доаѓа доцна, а јас ја прашував зошто доцни. Таа ми одговараше дека сите млади доаѓаат дома на полноќ. Кај неа не забележав ништо необично, немаше скапа облека, немаше пари или парфеми – вака мајката раскажуваше за случајот со ќерка ѝ.
Родителите сами ги подведуваат децата
Дека малолетничката порнографија и педофилија се реален проблем во македонското општество говори и директорот и основач на Првата детска амбасада „Меѓаши“, Драган Змијанац. Според него, голем придонес во тоа има интернетот кој им е достапен на младите.
– Родителите им отвораат профили на социјалните мрежи на децата и не водат сметка дека со секое објавување или фотографија, педофилот ги следи. Имаме информација на нашите СОС- телефони за малолетничка проституција, па дури и повици во кои се тврди дека самите родители ги подведуваат децата на такво нешто. Има случаи кога и самите родители не посветуваат доволно внимание на предметите и на подароците кои децата ги добиваат од луѓе вплетени во таа мрежа – вели Змијанац.
Во светот секое петто девојче или седмо момче било сексуално вознемирувано или злоупотребувано. На годишно ниво 255 милиони деца се жртви на сексуална злоупотреба. Во малолетничката педофилија влегуваат деца и од богати и од сиромашни семејства, и од писмени и од неписмени средини. Макроата што ги подведуваат девојчињата знаат како да ги примамат да влезат во тој бизнис.
– Неписменоста, социоекономскиот фактор, сиромаштијата, семејствата во ризик, алтернативниот начин на евтино заработување во семејства каде што недостасува родителската грижа – ова се само дел од причините поради кои децата го продаваат своето тело. Тука се и децата што се наркозависници, го продаваат своето тело за добивање надомест за да ги задоволат потребите за психотропни супстанции. Жртви може да бидат сите деца, без разлика на кој социјален слој му припаѓаат – коментира нашиот соговорник кој 22 години се занимава со оваа проблематика.
Психолозите велат дека во општество со изразена социјална нерамнотежа, во услови кога на младите девојки секојдневно преку електронските медиуми како некаква врвна доблест им се сервираат лесни аспекти на животот, меѓу кои доминира сексуалноста на жената, продавањето на младото тело, сѐ повеќе се прифаќа како доблест на новото време. Искуствата на психијатрите покажуваат дека таквите случаи се карактеристични и за поимотни семејства, каде што односите се многу позатворени и контролата на децата е многу помала од страна на родителите.
Децата да се тргнат од улица
Корисници на услугите се луѓе од различен профил. Во штипскиот случај беа откриени аптекар, хотелиер и сточар, возрасни лица кои можат да платат за таквата „услуга“. Тие не секогаш излегуваат пред лицето на правдата. Корисниците се голем проблем, но поголем се тие што ги принудуваат и организираат малолетните лица на таков вид услуга.
– Ова е кривично дело, возрасните што ги принудуваат малолетните лица на проституција, како и корисниците на тие услуги, подлежат на санкции. Но, сепак, неопходна е подобра организираност и мобилност на целиот систем. Сѐ почнува од родителската грижа, организираноста на градинките и на училиштата, центрите за социјални грижи кои имаат големи ингеренција да следат семејства во ризик, да одземат родителско право и да вршат строг надзор на остварување на родителското право. Мора да се земе предвид малиот процент на опфатеност на деца во детските градинки – од 20 до 25 проценти. Мора да се сфати дека градинката не е само спиење и јадење, туку е клучна организирана форма со која децата се тргаат од улица. Колку децата се вклучени во процесот на образование, толку потешко се манипулира со нив. Инсистираме да нема деца без извод од Матичната книга на родените. Да се внимава и на трговија со луѓе и на малолетнички бракови. Ценам што средното образование стана задолжително, со што се намали бројот на малолетнички бракови – коментира Змијанац.
Колку повеќе е организиран системот на превенција и на заштита, толку ни се поголеми шансите да ја ставиме оваа патологија под контрола. Змијанац смета дека организираната проституција секогаш е помобилна од организирањето на системот на превенција и на санкционирање. Превенцијата мора да биде чекор пред неа, а не чекор зад неа. Во Србија сексуалната злоупотреба на детето е дело кое никогаш не застарува. Тоа е добар пример што треба да го примениме. Тие, пак, го следат нашиот пример за хемиска кастрација, односно размислуваат за регистар на педофили, кој ние го имаме.
Заштита на идентитетот на децата
Македонската практика познава случаи кога интимна исповед на деца била објавувана на веб- сајтови, реагирале блиски лица и било барано од надлежните видеоснимката да биде отстранета. Детската амбасада „Меѓаши“ работела и со новинари за да ги обучи како да известуваат во такви ситуации со цел да се заштити детето. Судовите често прават грешка кога на рочиште ги соочуваат детето што е жртва на сексуално злосторство и тој што го принудувал на секс. Во еден случај девојчето го смени исказот на суд откако било соочено со својот татко кој ја принудувал на орален секс.
– Се жигосува детето. Имаше случај на организирана проституција во источна Македонија, при што девојчето откако се откри нејзиниот идентитет, си го одзеде животот. Мора да се внимава како се постапува со нив, да се внимава на процесот на ресоцијализација на детето. Мрежите на ваков криминал мора да се под строг надзор на државните институции – коментира Змијанац, кој истакнува дека децата најмалку се јавуваат на СОС-телефонот. Се јавуваат родители, познаници, соседи, но децата сѐ уште немаат храброст да го сторат тоа.
И на крај – секој родител мора да биде свесен за важноста на емотивната врска со детето – гушнете го детето, разговарајте со него, кажете му дека го сакате. Правете го тоа секој ден.
(Пишува: Билјана Зафирова
Текст објавен во 117. број на неделникот „Република“, 28.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.