Од 15 овој месец ќе бидат намалени цените на 202 лека, од кои 92 се иновативни, а останатите 110 се генерички лекови. Станува збор за трето намалување на цените на лековите по донесување на новата методологија за утврдување на максималните цени на лекови во државата. Во Македонија се постави кредибилен систем за регулирање на цените на лековите, кој функционира и дава резултати.
Според министерот за здравство, Никола Тодоров, третото намалување на цените на лековите е сериозна потврда за тоа дека е поставен одличен систем за регулација на цените на лековите и оти тој систем е реално спроведен, функционира и не зависи повеќе од волјата на еден човек или на оние што го управуваат тој систем. Најдобар доказ за тоа, посочи министерот, се повеќе од 1.800 лекови чии цени се намалени во овој период од донесувањето на методологијата за максимални цени до денес.
– Оваа методологија што ја имаме многу скоро ќе почне да се применува и од многу држави во регионот и пошироко имајќи предвид дека станува збор за многу кредибилен процес и добро осмислена методологија која е спроведена и фукционира без при тоа да имаме проблем со повлекување определени лекови од пазарот, недостиг од определени лекови, од една страна, но и, од друга страна, да оневозможиме многу сериозни маржи, заработки – рече Тодоров додавајќи дека донесување на оваа методологија претставува една од клучните мерки за сериозна борба против корупцијата во здравството.
Според министерот, станува збор за мерка која е во директна корелација во намалување на можноста за корупција во здравството.
– Процентуалното намалување на големопродажните цени на лекови изнесува од 1 до 66 проценти кај дел од лековите или просечното намалување на цените изнесува 16,04 проценти за иновативните лекови. Процентуалното намалување на малопродажните цени се движи од еден до 64,53 проценти или просечно малопродажните цени се намалуваат за 15,72 проценти. Вкупната заштеда кај иновативните лекови, согласно прометот кој го имале во 2012 година, на годишно ниво ќе изнесува околу 800 илјади евра – истакна Тодоров.
Забележително намалување има и кај генеричките лекови.
– Процентуалното намалување се движи од еден до 57 проценти или во просек 12 проценти кај големопродажните цени на генеричките лекови, додека процентуалното намалување на малопродажните цени на генеричките лекови се движи од еден до 54,21 процент или во просек 10,5 проценти. Вкупната заштеда од овие лекови, во согласност со ланскиот промет, ќе изнесува околу 1,6 милион евра – потенцира Тодоров.
Министерот како пример го наведе лекот против алергија „аериус“ во таблети, 10 по 5 милиграми, чија цена се намалува од 245 на 106 денари или намалувањето е 56,14 проценти.
Се намалуваат цените на лековите за речиси сите фармодинамски подрачја, но најмногу кај оние за онколошки заболувања, лекови против алергија, за белодробни заболувања, за остеопороза, хормони, за емотивни заболувања.
Директорот на Бирото за лекови, Илчо Захариев, рече дека лекот „темодал“, препарат кој е значаен за лекување карциноми на мозокот, сега е многу подостапен за пациентите.
Посочи дека за лекот „темодал“, 5 капсули од 250 милиграми, големопродажната цена се намалува од 51,530 денари на 17,505 денари или намалувањето е 66 проценти, а на 5 капсули од истиот лек по 100 милиграми цената се намалува од 18,739 на 8 денари или намалувањето е 57,3 проценти.
– Се намалуваат цените на лековите за кардиваскуларни заболувања, дел од антибиотиците, препарати за лекување на гастрозаболувања итн. Ниту една компанија и во октомври и сега не најави повлекување на некој препарат. Тоа покажува дека системот навистина добро функционира и лекови има доволно. Ниту една компанија во овој момент го нема затворено претставништвото во Македонија – истакна Захариев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.