Марина Абрамовиќ е најдоброрангирана уметничка на штотуку објавената листа на највлијателни личности во светот на уметноста, која при крајот на годината традиционално ја објавува престижниот магазин „Арт ривју“.
Таа е на петтото место на листата „100 најмоќни“, а „Арт ривју“ ја опиша како перформанс-уметничка која стана вистинска ѕвезда, предмет на почитување но и инспирација на другите. Успеа и да спроведе успешна кампања за собирање пари за Институтот „Марина Абрамовиќ“ сместен во Њујорк.
Таа оваа година вниманието од медиумите и на уметничката јавност го привлече со перформансот „512 часа“, кој го изведе во Лондон. Неодамна најави и нов перформанс, овој пат во Сиднеј.
На ранг-листата на „Арт ривју“ пред Абрамовиќ се рангирани истакнати сопственици на реномирани музеи и галерии. На врвот на листата е Николас Серота, директор на „Тејт-универзум“ со седиште во Лондон, од каде што управува со бројни галерии и институции низ светот, повлекувајќи потези и донесувајќи одлуки кои ја дефинираат современата уметничка сцена.
На второ место е Дејвид Звирнер, кој управува со големите гларии во Њујорк и во Лондон, на трето место е Иван Вирт, популарниот галерист со изложбени простории низ светот, а позицијата број четири е на Глен Д. Лори, директор на њујоршкиот Музеј на модерната уметност.
Меѓу десетте највлијателни личност од светот на уметноста, освен Марина Абрамовиќ, се само уште двајца уметници, славнииот „крал на кичот“ Џеф Кун и познатата фотографка Синди Шерман.
Списанието „Арт ривју“ е едно од најпознатите уметнички светски списанија основано во 1949 година. Годишно се објавуваат девет изданија на списанието, вклучувајќи и две специјални, посветени на моментно најмоќните личности, како и на идните надежи.
Листата на 100 најмоќни личности во светот на уметноста првпат е објавена во ноември 2002 година и претставува годишен пресек на состојбата на уметничката сцена, зад кој стојат стотина уметници, историчари на уметност, претприемачи ангажирани во светските музеи и галерии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.