| четврток, 6 декември 2018 |

Дел од работниците сами бараат да работат на диво

siva-ekonomija-2-6

Исплата на рака, непријавување на работникот, исплата на придонеси за работниците на сума пониска од реалната месечна плата, се дел од методите кои во своето работење ги користат работодавците, покажуваат податоците од анкета на население за непријавената работа во Македонија во текот на октомври 2014 година, спроведен од страна на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП). Теренската анкета е спроведена на репрезентативен примерок од 1116 испитаници со цел да се утврдат различните форми на скриени економски активности. Во прилог се податоците кои се однесуваат на пријавувањето работници, исплаќањето придонеси, како и дополнителни индикатори кои укажуваат на обемот и формите на манифестирање на непријавената работа.
– Непријавената работа вообичаено се манифестира преку непотпишување договор со работникот и неисплаќање на неговото задолжително социјално осигурување. Но, може и да се манифестира преку потпишување договор со скриени клаузули (на пр. платата наведена во договорот е на една сума, а усмено се договара дополнителна исплата во готово или пак враќање на дел од сумата на работодавецот) и следствено – неисплаќање на социјалните придонеси во висина од реалната плата – информираат од ЦИКП.
Резултатите од анкетата укажуваат дека: Од испитаниците кои имаат основно вработување:  84 отсто имаат потпишано договор за работа со работодавачот;  10 отсто во текот на претходниот месец имаат добиено дел од платата „во готово“.

Од испитаниците кои имаат дополнително вработување, 80 отсто немаат потпишано договор за работа со работодавецот;
а над 50 отсто не пријавуваат ниту пак плаќаат персонален данок за дополнителната дејност.

Дополнително, и кај оние кај кои се исплаќаат придонеси за социјално осигурување, основот за нивна исплата е различен. На секој трет работник му се исплаќаат придонеси на сума пониска од реалната месечна плата. Најчесто придонесите се исплаќаат врз основа на минималната плата, додека работникот го добива остатокот од платата или во готово или врз основа на дополнителен договор на кој не се плаќаат придонеси.
Иако одговорноста за непотполното исплаќање придонеси најмногу лежи кај работодавачите, дел од вината сносат и работниците кои ги прифаќаат таквите услови. Резултатите покажуваат дека над 20 отсто од испитаниците би прифатиле да работат непријавени доколку земаат повисока плата.

Овој став е значително поврзан со финансиската состојба на испитаниците, со тоа што оние со пониски приходи на домаќинството во поголем број би прифатиле непријавена работа (со повисока плата) во споредба со оние со повисоки приходи на домаќинството.

Овие наоди одат во прилог на аргументот дека непријавената работа е во голем степен поврзана со високото ниво на сиромаштија и од страна на работниците се користи како механизам за справување со тешката финансиска ситуација и преживување на семејствата од ден за ден. Покрај тоа, фактот дека над 50 отсто од испитаниците изјавуваат дека задолжителното здравствено и социјално осигурување не им обезбедуваат доволно чувство на сигурност, може да се смета за дополнителна причина за прифаќањето на непријавена работа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top