Неколку македонски компании кои се учесници на Eкономскиот балкански форум во Софија, ќе ја прошируваат деловната соработка со бугарски компании. Менаџерите на „Алкалоид“, „Адинг“, „Свислион“, „Заралогистик“ и „Ариљеметал“ денеска ќе имаат средби со повеќе бугарски компании.
За време на дводневните билатерални средби претставниците на Македонско-бугарската стопанска комора (МБСК) во Софија имаа состанок и со раководство на Турско-бугарската асоцијација во која членуваат најголемите компании што имаат значаен придонес во трговската размена од околу четири милјарди долари, со што Турција е најголем економски партнер на Бугарија.
Претставниците на Турско-бугарската комора ја поддржаа иницијативата на МБСК за реализација на мултимедијален проект „Калдрмите се живот“.
– Старите чаршии на Балканот се регионално истории на отвoрено, препознатливи и култни јадра што ги поврзуваат минатото, сегашноста и иднината и за чија европска промоција како економски, историски, уметнички и туристичка дестинации потребни се заеднички проекти – истакна претседателот на МБСК Зоре Темелковски.
За натамошно интензивирање на соработка на бизнис асоцијациите ќе биде потпишан Меморандум за приоритетите во економската размена, помеѓу Македонско-бугарската комора од Скопје и Бугарската трговска комора. Тие се иницијатори на идниот репрезентативен бизнис-експо форум, што на пролет, под покровителство на премиерите на двете држави, би се организирал во Софија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.