Учениците од тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ што наставата ја следат на македонски јазик по дводневен бојкот од четврток повторно ќе одат на училиште.
Ова е резултат од попладневниот состанок на градоначалничката Теута Арифи со управата на гиманзијата и советот на родители.
Според постигнатиот договор, наставата нема да се одвива во досегашната барака, туку ќе биде изнајдено времено решение што ќе биде договорено во текот на утрешниот ден. На состанокот не било прецизирано ниту долгорочното решение за изнаоѓање друг простор или изградба на нова зграда што треба дополнително да се определи.
– За нас е најважно образовниот процес да продолжи. Беа разгледани неколку предлози и за долгорочно решение на проблемот со просторот на гимназијата, но за тоа ќе треба и други фактори да се изјаснат. Во однос на привременото решение беше рагледано и тоа додека траеше реконструкцијата на бараката и други предлози, но мислам дека ќе биде изнајдено такво решение што ќе ги задоволи барањата на учениците и родителите, изјави Арифи.
Ниту Соња Близновска од советот на родители на тетовските гимназијалци не можеше да го прецизира просторот каде од четврток ќе продолжи наставата за нивните деца. Јас не сум надлежна да кажам, но на тоа ќе се работи се додека не се прецизираат условите.
– Учениците ќе одат на настава од четврток и решението ќе биде доставено, рече Близновска.
Бојкотот на гимназијалците почна од вчера, откако во петокот нивен соученик од трета година за време на големиот одмор беше нападнат од поголема група лица дојдени од надвор, при што 15 годишен малолетник што подоцна беше откриен од полицијата му нанесе три убоди во грбот и вратот. Градоначалничката Арифи рече дека локалната власт постојано е во контакт со полицијата за зголемување на безбедноста во сите училишта.
– Гледаме да го зголемиме нивото на безбедност не само во однос на финасиите, туку и за поквалитетно присуство на институциите што треба да ја гарантираат безбедноста на граѓаните. Ги охрабруваме училиштата да преземат што повеќе проекти за меѓусебно
разбирање и овозможување на поголема комуникација меѓу учниците, што е целта на образовниот процес, рече Арифи.
Тетовската полиција информира дека од почетокот на оваа недела засилено е нивното присуство околу училиштата со посебен акцент на средните и тоа во периодот од 7 до 19 часот и со особено внимание за време на големиот одмор. Полицијата продолжува и со неколкуте превентивно образовни проекти што се реализираат во тетовските училишта за поголема безбедност на учениците и законските казни доколку учествуваат во предизвикување на инциденти од најразлична природа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


