Нема соодветна транспортна инфраструктура, патничко и железничко поврзување во регионот и со Европа и тоа е една од основните пречки за поголем економски развој. Нејзиното надминување по принципот на јавно-приватно партнерство ќе биде главна тема на конференцијата „Конективна Европа – одговор на ЦЕФТА-регонот“, што ќе се одржи в четврток по иницијатива на Стопанската комора на Македонија.
На конференцијата, како што најави Комората, ќе присуствуваат претставници од Брисел, ЦЕФТА и од Светска банка.
– Добрата инфраструктура значително ги намалува трошоците и ја јакне трговската соработка. Освен што поттикнува развој на повеќе економски гранки, генерира и нови работни места – истакна Љубица Нури од Стопанска комора.
Последните десет години регионот во овој сегмент, и покрај заложбите, нема конкретен напредок. Од вкупно изготвените 31 проект, 18 се однесуваат на железницата. За Македонија се посебно значајни врските Скопје – Софија и Софија – Белград.
Од вкупниот извоз на ЦЕФТА, 40 проценти е меѓу земјите-членки, а 13 проценти е увоз. Во согласност со определбите, договорните страни се обврзани да соработуваат за унапредување на економското интегрирање во ЕУ. Транспортот, енергетиката и информатичката технологија се приоритетни за подобрување на регионалната трговија и работата на странските инвеститори. Во земјите-членки на ЦЕФТА има околу 30 милиони потрошувачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


