| четврток, 6 декември 2018 |

Македокс: Проекција на документарниот филм „Синема комунисто“ на Академската сцена на ФДУ

Во рамките на „Зимската програма“ предвидено е да се прикажуваат документарните филмови од ризницата на „Македокс“ кои оставија најсилен впечаток кај фестивалската публика

makedox

Втората проекција од „Зимската програма“ на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе се одржи на 4 декември, со почеток во 20.30 часот на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде ќе биде прикажан филмот „Синема комунисто“ на Мила Турајлиќ.

Во рамките на „Зимската програма“ предвидено е да се прикажуваат документарните филмови од ризницата на „Македокс“ кои оставија најсилен впечаток кај фестивалската публика.

Документарниот филм „Синема комунисто“ (Србија / 2010 / 100’) на Мила Турајлиќ го истражува и митот кој ја создаде Југославија – нејзиниот претседател Јосип Броз Тито.

Сместен во топ-листите на „Вол стрит џурнал“ како филм кој не смее да се пропушти, ова наградувано остварување на Мила Турајлиќ, преку инсерти на десетина југословенски филмови, ексклузивни интервјуа и архивски снимки од филмски снимања и Титовите приватни проекции, создава слика за Југославија -онаа официјалната и скриената зад кулисите. „Синема Комунисто“ ги истражува митовите кои ги поддржувала Југославија, но и начинот на кој фикцијата и реалноста се разминуваат сè до конечниот колапс. Денес, од тоа се останати само сценографии во распаѓање, заборавени филмски студија и филмски инсерти за земјата која повеќе не постои.

unnamed

Актерот Бата Живоиновиќ

Во филмот ќе ги слушнете приказните на Лека Константиновиќ, лично задолжен за филмските проекции на Тито цели 32 години и човек кој проектирал 8.801 филм за Тито, актерот Бата Живојиновиќ, лицето на Југословенската кинематографија и најпопуларен актер во Кина, режисерот Вељко Булајиќ, кој зборува за своите филмови, но и за постерите за неговиот филм номиниран за Оскар „Битката кај Неретва“, кои ги дизајнирал Пабло Пикасо.

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. Зачнат со ентузијазмот на една група на доку-љубители, „Македокс“ за само пет години успеа да прерасне во национална, регионална и светски етаблирана филмска манифестација со над 80 проекции годишно, придружена со изложби, дебати, работилници, мастер-класови и музички настани.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top