| четврток, 6 декември 2018 |

Апелација потврди – две години за поранешниот разузнавач Богоевски

Скопскиот апелациски суд ја потврди првостепената пресуда за случајот „Агент“, според која поранешниот разузнавач Слободан Богоевски, адвокатот Владо Пешликоски и претставникот на „Меркатор“, Митја Валич, се осудени на две години затвор, а три години за финансиски малверзации доби адвокатот Васко Томановиќ, објави порталот „Академик“.

Иако одлуката на апелацискиот суд е правосилна, сепак осудените нема веднаш да бидат однесени на издржување бидејќи прво мора сите да ја добијат пресудата на рака. Во меѓувреме се очекува да ја обжалат пред Врховниот суд.

Богоевски, како и дел од другите осудени поминаа осум месеци во притвор, а оттаму излегоа минатата година, по донесувањето на првостепената пресуда.

Обвинетите, покрај казната затвор, треба да платат оштета околу 950.000 евра, средства што, според пресудата, се смета дека се здобиени со дејство на кривичните дела злоупотреба на службената положба и перење пари.

На последнообвинетите Даниела Трајковска и Ален Јегени, со пресудата на апелациски суд им е потврдена условна осуда од две години доколку во наредните четири години го повторат делото.

Судењето за „Агент“ траеше два месеца. Шесттемина обвинети се обвинуваа дека преку фиктивни договори и фиктивни фирми-ќерки на кипарски Централ балкан инвестмент и словенечки „Меркатор“ переле пари. Тие го негираа обвинението и тврдеа дека со договорот за купопродажба на плацот со површина од 19.000 квадратни метри во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ја спасиле Македонија од тужба пред арбитражен суд бидејќи продала земјиште што било за денационализација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top