| четврток, 6 декември 2018 |

Донесени измените на Законот за користење и располагање со стварите на државните орган

собрание

Во попладневниот дел од Собраниската седница пратенците го донесоа дополнетиот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните орган.

Пратеничката на ВМРО – ДПМНЕ Светлана Карапетрова појасни дека со овој предлог-закон се врши подобрување на постапката за електронско јавно наддавање и начинот на пријавување на понудувачите и поднесување на потребните документи за учество. Целта, според неа, е да се подобри и овозможи поголема транспарентност во постапките за набавка на стварите на државните органи.

– Се менува начинот на продажба и давање под закуп на недвижни ствари, односно наместо досегшниот модел за одредување на цената по квадратен метар ќе се користи откупна цена на недвижноста, која е предмет на продажба или давање под закуп – појасни Карапетрова.

Постапката, додаде, ја спроведува комисијата за недвижни државни ствари во претходен оглас на два дневни весници кои се издаваат на македонски јазик и во еден дневен весник на јазик кој го употребуваат најмалку 20 отсто од граѓаните. Државниот орган е должен да изврши проценка на недвижноста која претставува почетна цена при продажбата. Се воведува и обврска за вкупна проценителна вредност и доставување банкарска гаранција во висина од два проценти од вредноста на недвижните ствари. За непочитување на Законот се предвидуваат кривична одговорност и казни затвор од една до пет години во зависност од превземањето или непревземањето на дејствијата на одговорните.

Со измените, како што појасни Благородна Бојаџиева од ВМРО – ДПМНЕ, се менува начинот на купување, продажба и давање под закуп на недвижните ствари.

– Досега секој понудувач кој бил заинтересиран имал законска обврска да достави депозит од 2 до 5 отсто од почетната вредност на стварта која е предмет на јавното наддавање. Сега со измените се пропишува законска обврска секој заинтересиран понудувач пријавата за учество на јавното наддавање да ја поднесе по електронски пат, а треба да даде и потпише изјава за сериозност на понудата и банкарска гаранција од два проценти од почетната вредност – рече Бојаџиева.

Најповолниот понудувач треба да ги плати средтсвата во рок до 15 дена, а доколку не го стори тоа нема да склучи договор, а банкарската гаранција ќе се активира. Понудувачот една година нема да смее да учествува на јавно наддавање за предметни недвижни ствари.

Пратениците ги донесоа и измените на Законот за спортот, по скратена постапка, со кој, според пратеникот Трајче Димков, се уредува стопанисувањето на спортските објекти кои се во надлежност јавни претрпијатија за стопанисување со спортски објекти.

– Овој предлог-закон се однесува на спортските објекти кои се изградени многу поодамна, бидејќи сегашните спортски објекти се даваат во надлежност на локалната самуправа, на универзитетите на факултетите или остануваат како посебни јавни претпријатија, сами стопанисуваат и ја даваат во функција спортската сала – појасни Димков.

Објектите кои се од национално значење во сопственост на Република Македонија се предвидува да ги раководи органот на државната управа, надлежен за работата од областа на спортот, додека со објектите за спорт кои ќе бидат класифицирани како објекти од локално значење во сопственост на РМ се предвидува сопственоста да биде префрлена на општините.

– Вработените во дирекцијата на јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во сопственост на РМ и вработените кои извршувале работни задачи поврзани со објектите за спорт, опремата, архивата и другите средства за работа да се превземат од органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот – рече Димков.

По скратена постапка беа донесени и дополнувањата на Законот за земјоделство и рурален развој, додека измените и дополнувањата на Законот за градење и за поштенски услуги беа прифатени и дадени на натамошна собраниска процедура.

Собранието ги прифати и предлог-одлуката за давање согласност на Статутот на Агенцијата за електронски комуникации, како и барањата за давање автентично толкување на член 17 точка 3 од Законот за данок на додадена вредност, поднесено од градоначалникот на Град Скопје и на член 104 став 2 од Законот за работните односи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top