Сојузот на студенти по медицина во соработка со Студентскиот Парламент на Универзитет „Св.Кирил и Методиј” и асоцијацијата Х.Е.Р.А. со поддршка од брендот Дурекс, Светскиот ден за борба против СИДА-та го одбележаа со акцијата „Уживај во животот, преземи контрола, СТОП СИДА!“. Тие пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ дистрибуираа едукативни материјали и кондоми Дурекс за студентите. Пред академските граѓани, на Правен Факултет „Јустинијан I“, од страна на претставниците на Х.Е.Р.А. беше одржана трибина како и едукативни предавања за средношколците од скопските средни училиште „Здравко Цветковски” и „Зеф Љуш Марку“.
– Студентите имаат основни познавања за ризиците од некористење на заштита при сексуален однос. Сепак, наша задача како студентска организација е континуирано да ги едуцираме нашите колеги за заштитата при сексуалниот чин од сексуално преносливи болести и ХИВ/СИДА. Дурекс, како светски бренд оваа година ги поддржа нашите активности што е важен дел од предвидената програма за едукација на студентите за превенција, што во голема мера ни го олеснува патот до целта – изјави Рина Пуррини, национален офицер за репродуктивно здравје и СИДА при ССММ.
Студентите на државниот универзитет имаа можност директно да разговараат и да се информираат преку едукативните материјали за тоа како се пренесува ХИВ вирусот и на кој начин треба да се заштитат.
– Дурекс како лидер на пазарот директно ги поддржа студентите, со цел навремено спречување и ширење на сексуално преносливите болести (СПБ) и вирусот ХИВ во Македонија, што за нас претставува примарна задача и исполнување на одговорноста директно кон нашите корисници и сите граѓани – вели Елена Гагиќ, претставник на Меркур Трејд, генерален дистрибутер на Дурекс во Македонија.
Студентската организација шеста година по ред го одбележува Светскиот ден за борба против СИДА-та, со што ја подигнува свеста на студентите за сексуалното и репродуктивно здравје, како и планирање на здраво семејство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.