Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ по повод 1 декември, Светскиот ден на СИДА-та, организираше добротворна аукција на дела насликани од јавните личности, за кои се надаваа присутните како и личности од јавниот живот. Од аукцијата се собраа 115.100 денари кои се наменети за поддршка на луѓе што живеат со ХИВ во Македонија.
– Собраните средства се навистина значајни за луѓето кои што живеат со ХИВ. Затоа благодарноста е голема за јавните и популарни личности кои излегоа во пресрет на нашата иницијата и дадоа искрено гледање и пренесување на пораките против предрасудите, отфрленоста и маргилизираноста на луѓето кои не се различни од нас, а потребна им е нашата помош. Нивниот придонес во овој настан и влијанието во формирањето и менувањето на мислењата во јавноста по одредени прашања, се покажа како исклучително продуктивно и корисно – изјави Андреј Сених, извршен директор на „Заедно посилни“.
На познатите личности им беше дадена задача да го насликаат своето доживување на една зададените теми: Предрасуда и отфрленост, Како го замислувам животот со ХИВ денес? Како го замислувам лекот за ХИВ?…
Со свои авторски дела на аукцијата учествуваа Тамара Тодевска, Кристина Арнаудова, Дани Димитровска, Лила Филиповска, Коста Петров, Дарко Лешоски, Бетмен Велит, Виктор Апостоловски, Влатко Лозаноски и кошаркарките од женскиот кошаркарски клуб ЛОТОС.
Целта на настанот беше да се подигне свесноста на јавноста дека за ХИВ денес е достапна високо ефикасна терапија, која овозможува луѓето што живеат со вирусот да имаат здрав, квалитетен и долг живот. Настанот беше поддржан и од амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија, Чарлс Едмунд Гарет и Постојаниот координатор на Обединетите нации, Луиза Винтон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.