Во одлична атмосфера и преполниот МКЦ, минатата сабота, со програмата и пребројувањето на гласовите сè до раните утрински часови во недела, имавме задоволство да ја отвориме официјалната офф-програма на 16. издание на „Таксират“ фестивал. Покрај гостите во ревијалниот дел, во повеќе од шест часа исполнети со одлични настапи на „Лузер Фест“ имавме можност да ги чуеме десетте финалисти кои се натпреваруваа за победата и кои покажаа исклучителна професионалнст во своето претставување.
Конечното пребројување покажа дека изборите се одвиваа во фер и трезвена атмосфера, со констатиран успех и 62.73% излезеност на гласачкото место од вкупниот број на регистрирани гласачи во изборниот список. Во битката за првото место, скопскиот бенд „Project 2501“ и кумановскиот „TV RAGE“ имаа изедначен број бодови на првата позиција од ранг листата, но поради поголемиот број гласови од публиката победата им припадна на „Project 2501“ кои се здобија со право за бесплатно снимање на нивниот прв лонг-плеј албум во студиото „MarryPhatt“ во Скопје и објавување на албумот под капата на „Password Production“.
Трите првопласирани групи истотака ќе бидат испратени на преслушување на програмските селектори на реномираните фестивали „Егзит“ (Србија), „Инмјузик“ (Хрватска) и „Похода“ (Словачка), кои ќе одберат по еден од нив кој ќе настапи на нивните фестивали во 2015 година.
Покрај тоа, „Таксират“ одбира еден од бендовите и како свој претставник за 2015 година во „CEETEP“ (Central Eastern European Talent Exchange Program) програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.
Конечната ранг-листа на „Лузер Фест“ изгледа вака:
- PROJECT 2501
- TV RAGE
- CORTEX
- AMBER VIRGA
- THE AUTHOR
- CUTTING EDGE
- SKOPJE CREW (SKC)
- PROBLEM SOLVED
- KOLT
- THE PROTAGONIST
Им честитаме на победниците и на сите финалисти, воедно заблагодарувајќи им се за учеството и успешното претставување, им посакуваме успешна понатамошна работа и се надеваме дека повторно ќе се видиме со сите нив во идна прилика.
Во недела (7. декември) „Таксират“ ја подготвува финалната вечер на 16. издание
Откако го преполни МКЦ со неверојатно позитивната атмосфера на „Лузер Фест“, „Таксират“ фестивал следната средба со „таксиратлии“ ја очекува веќе во недела на 7. декември кога во „Метрополис Арена“ ќе се одржи главната фестивалска вечер и финалната прослава на 16 издание на фестивалот.
Годинава големата бина на главната „ТАКСИРАТ“ вечер ќе ги пречека ненадминливиот трип-хоп уметник „ТРИКИ“ (TRICKY), холандскиот диџеј и продуцент кој многумина го сметаат за вистински технички и музички гениј Сандер Ван Дорн (SANDER VAN DOORN), култната хрватска електро-поп група „Денис&Денис“ (DENIS & DENIS), легендите на британскиот стрит-панк „Џи-би-ејџ“ (GBH), контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио „Бед Копи“ (BAD COPY), уникатните и секогаш провокативни „ЛЕТ 3“ од Хрватска, нашите реге херои „КОНКЈУРИНГ ЛАЈОН“ (CONQUERING LION), но и специјалните гости од Словачка „Видрапена Бузирка Панк Систем“ (Vydrapena Buzirka Punk System) кои ги предводи Михал Касцак, директорот на еден од најголемите словачки, но и европски фестивали „Похода“.
Главната вечер на шеснаесеттото издание на „Таксират“ и атрактивната програма на фестивалот се реализирани благодарение на поддршката од телекомуникацискиот оператор ONE.
Ве потсетуваме дека во тек е акцијата „Џабест Таксират“ пакет со кој во продажните салони на „One“, за 4 купени влезници добивате уште една гратис. Актуелната цена на влезниците за „Таксират“ изнесува 500 денари за регуларните и 1.000 денари за ВИП влезниците. Продажбата на овие влезници се спроведува во продажната мрежа на МКтикетс или поточно во:
- Продажните салони на „One“ низ Македонија
- Во Скопје: „Југотон“, „МПМ Пресс“, „Гоги“ – Драчево, Универзална Сала, Кафе „Круг“ – Аеродром, Кафе „Браво“.
- Низ Македонија: „Тобако“ – Охрид, „Алпине“ – Тетово, „Шишко“ – Кочани, „Агора“ – Куманово, „Хардрок“ – Битола.
- Онлајн преку www.mktickets.mk .
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.