| четврток, 6 декември 2018 |

Донесете го вашето згодно гласачко тело и прогласете го „лузерот“

Во сабота на 29 ноември од 19:00 часот со возобновениот „Лузер Фест“ конечно, официјално започнува прославата и одбројувањето до финалната вечер на 16. издание на „Таксират“ фестивал.

Во тоа име, „Пасворд продукција“ ве задолжува да ја поддржите локалната сцена и да им посакате добредојде на новите лица кои се дел од неа во сабота. Бидете пример и наместете го „лузерот“ оваа сабота во „МКЦ“. Донесете го своето згодно гласачко тело и искористете го вашето гласачко право!

Плус оваа година има и жири составено од исклучително значајни имиња на локалната сцена преку кои може полесно да се лобира за победа, а во тој состав се Петар Младеновски (Капиштец), Васко Атанасоски (Геге), Тошо Филиповски (Ѓорче Петров) и Енис Хаџиќ (Аеродром).

По теркот на реномираните изборни процеси ширум естрадата, збирот од гласовите од публиката и од жирито со еднаква вредност на влијание (фифти-фифти) ќе го донесат конечниот избор, но во случај на изедначен број бодови, победникот ќе биде оној со поголем број гласови од публиката.

Телевоутингот нема да функционира, немаме платено сметки за октомври.

Бендовите веќе се загреваат, трчаат од сабајле, се хранат здраво и се во карантин. Рингот го отвораат гостите од ревијалниот дел „Хај Контрол“ и „Лоши Деца“! И додека се создаваат новите „Репетитор“ и „Верка“, оригиналните истотака ќе ги видиме како гости во сабота!

Финалистите на „Лузер Фест“ 2014 се: AMBER VIRGA, CORTEX, CUTTING EDGE, KOLT, PROBLEM SOLVED, PROJECT 2501, THE PROTAGONIST, SKOPJE CREW (SKC), THE AUTHOR и TV RAGE.
(редоследот е случаен, не важи за сабота)

„Лузер Фест“ овој пат ве очекува и со програма на две бини! Покрај бината во „Денсинг сала“ на која ќе настапат 14те бендови, во холот на „МКЦ“ на вториот „стејџ“ задолжен за добрата атмосфера при заокружување на победникот ќе бидедиџеј „Гето Руди“.

Влезот на „Лузер Фест“ ја обезбедува и вашата гласачка легитимација, а овој процес ќе чини 100 денари.

Сред изборите, повторете ги и ТРИТЕ ЗАПОВЕДИ на „Лузер Фест“ 2014:
• Победникот на „Лузер Фест” ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет” (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн”;
• Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ” (Србија), „ПОХОДА” (Словачка) и „ИНМЈУЗИК” (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на нивниот фестивал;
• „ТАКСИРАТ” фестивал еден од бендовите ќе го одбере да учествува како својпретставник за 2015 година во „ЦЕЕТЕП” (CEETEP – Central Eastern European Talent Exchange Program) програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.

Последно одбројување до главната вечер на „Таксират“

Почнуваме со „Лузер Фест“ и само седум дена потоа нè очекува финалната прослава на главната вечер на „Таксират“ која на 7. декември годинава прв пат ќе се одржи во недела, па утрото на празничниот понеделник од овој продолжен викенд ќе го дочекаме заедно во „Метрополис Арена“.

Годинава големата бина на главната „ТАКСИРАТ“ вечер ќе ги пречека ненадминливиот трип-хоп уметник „ТРИКИ“ (TRICKY), холандскиот диџеј и продуцент кој многумина го сметаат за вистински технички и музички гениј Сандер Ван Дорн (SANDER VAN DOORN), култната хрватска електро-поп група „Денис&Денис“ (DENIS & DENIS), легендите на британскиот стрит-панк „Џи-би-ејџ“ (GBH), контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио  „Бед Копи“ (BAD COPY), уникатните и секогаш провокативни „ЛЕТ 3“ од Хрватска, нашите реге херои „КОНКЈУРИНГ ЛАЈОН“ (CONQUERING LION), но и специјалните гости од Словачка „Видрапена Бузирка Панк Систем“ (Vydrapena Buzirka Punk System) кои ги предводи Михал Касцак, директорот на еден од најголемите словачки, но и европски фестивали „Похода“.

Главната вечер на шеснаесеттото издание на „Таксират“ и атрактивната програма на фестивалот се реализирани благодарение на поддршката од телекомуникацискиот оператор ONE.

Ве потсетуваме дека во тек е акцијата „Џабест Таксират“ пакет со кој во продажните салони на „One“, за 4 купени влезници добивате уште една гратис. Актуелната цена на влезниците за „Таксират“ изнесува 500 денари за регуларните и 1.000 денари за ВИП влезниците. Продажбата на овие влезници се спроведува во продажната мрежа на МКтикетс или поточно во:

  • Продажните салони на „One“ низ Македонија
  • Во Скопје: „Југотон“, „МПМ Пресс“, „Гоги“ – Драчево, Универзална Сала, Кафе „Круг“ – Аеродром, Кафе „Браво“.
  • Низ Македонија: „Тобако“ – Охрид, „Алпине“ – Тетово, „Шишко“ – Кочани, „Агора“ – Куманово, „Хардрок“ – Битола.
  • Онлајн преку www.mktickets.mk .

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top