| четврток, 6 декември 2018 |

Ново македонско вино во Шведска – „Втора генерација“

vinoПрвпат во државната шведска продажна мрежа „Систем болагет“ се појавува македонско вино со сопствен заштитен знак од ова поднебје – „Втора генерација“, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Кампањата за лансирање на новото вино кое го носи името на оркестарот „Втора генерација“ од Гетеборг почна вчера со концертот што овој популарен бенд го одржа во познатиот гетеборшки џез-клуб „Нефертити“.

„Втора генерација“, која лани го одбележа својот 25-годишен јубилеј, е формирана од музичари од македонско потекло, припадници на втората доселничка генерација. Во последнте години се здоби со поширока популарност со специфичната обработка на познати балкански ритмови и рефрени, а оркестрато во два наврата учествуваше и во натпреварот за избор на шведски претставник за „Евросонгот“.

Се изразува уверување дека новото македонско вино, кое се лансира со силен заштитен знак – „Втора генерација“, наскоро ќе се најде на рафтовите на „Систем болагет“, како прво вино со географско потекло од Македонија по повеќегодишното целосно отсуство на македонски вина во редовниот асортиман на шведскиот државен монопол за продажба на алокохолни пијалоци, еден од најсофитицираните во Европа.

„Втора генерација“ е вино од визбата „Попова кула“ од Демир Капија во состав од сортите вранец, каберне савињон и пино ноар. Увозник е фирмата „Земја на сонцето/The Land of Sun” на сопственикот Тони Чаковски, кој во последно време интензивно работи на презентација на македонски вина на шведскиот пазар. Неодамна оваа увозна фирма беше спонзор на вина кои беа сервирани на една голем хуманитарен настан во Стокхолм, каде што присутвуваше и шведската кралица Силвија.

Новото македонско вино „Втора генерација“ може да се нарачува во „Систем болагет“ од 1 декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top