Зголемување на нивото на едукација на младите Роми и уривање на предрасудите се единствен начин на запирање на долгата традиција на малолетнички бракови кај ромската популација, е заклучокот од денешната дебата во Штип на тема „Малолетничките бракови ја загрозуваат иднината на младите Роми“, во која учествуваа средношколците и студентите од ромската заедница.
Ерол Адемов претставник на Здружението „Мултиетничко општество“ вели дека оваа појава е најизразена во Ромската заедница, каде се уште владеат предрасудите дека најдобро време за мажење на девојките е од 13 до 15 години, а денешната дебата е во насока на рушење на овие стереотипи.
– Целта е да се подигне свеста кај младата популација за намалување на малолетничките бракови, да се подобри образовното ниво и да се зголеми бројот на студенти во високообразовните институции, а со тоа да бидат поконкурентни на пазарот на трудот – вели Адемов.
Амди Бангов, претставник од Дебатниот ромски клуб, вели дека малолетничките бракови во Штип и регионот се во пораст, а што е пострашно, опаѓа возрасната граница на децата кои стапуваат во брак. Овие деца, посебно девојчињата, вели, најчесто го прекинуваат основното образование.
Малолетничките или детските бракови кај нас најчесто се склучуваат помеѓу малолетно дете и возрасен маж, и е чин со кој директно се кршат човековите, посебно детските права. И во овој случај повеќе се погодени девојчињата.
Дебата ја организираше Фондацијата за дебата и едукација на Југоисточна Европа ИДЕА во Штип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.