| четврток, 6 декември 2018 |

Од декември проект за избор на најдобар млад програмер

The Hacker
Од следниот месец  во средните училишта во државава ќе биде промовиран проектот „Најдобар млад програмер“ со кој е предвидено организирање натпревари по информатика, како и поттикнување на младите да се запишуваат на техничките факултети.
За реализација на проектот денеска директорот на Агенцијата за млади и за спорт Марјан Спасески и претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, Миле Јованов потпишаа Меморандум за соработка.
Во февруари в година ќе се организираат општински и регионални натпревари, во март државен натпревар по информатика, а во април македонски олимписки игри. На победниците по категории од олимпијадата ќе им биде овозможено да заминат на светските олимписки игри, кои ќе се одржи во Киргистан во јули.
Карванот за промоција на проектот во средните училишта ќе го сочинуваат претставници од Агенцијата за млади и за спорт, ФИНКИ и од Здружението на информатичарите на Македонија.
Според директорот Спасески, со меморандумот се утврдува рамката за соработка меѓу АМС и Здружението во делот на реализацијата на проектот „Најдобар млад програмер”. – Оваа рамка всушност е насочена кон унапредувањето на едукативните, истражувачките и апликативните активности во областа на информатичките науки и компјутерско инженерство, кон поттикнувањето на иновативноста, креативноста и претприемачкиот дух кај младите луѓе и учениците од средните училишта, истакна Спасески.
Со реализацијата на овој проект,  додаде, сакаме да ги стимулираме средношколците да се запишуваат на техничките факултети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top