| четврток, 6 декември 2018 |

Потрошувачка кошница на Македонците: Колбаси без месо, сокови без овошје, сирење без млеко

Според стручњаците за прехранбена индустрија, денес консумираме 75 отсто храна која е индустриски произведена, а само 25 отсто е сурова храна која доаѓа од земјоделските производители. Со оглед на тоа што на индустријата ѝ е во интерес што помалку да инвестира, а да добие што поголема количина производи, се намалува уделот на основните суровини и производот на крај е поевтин

Едно просечно семејство во Македонија повеќе од половина од просечната плата ја троши на храна и на пијалаци, кои се составен дел од синдикалната минимална кошничка. Нејзината севкупна вредност во октомври годинава изнесувала 32.085,00 денари (што е многу повеќе од просечно исплатената плата), од кои најголем дел бил наменет за храна и за пијалаци, 13.418, 61 денари, и за домување 10.300,68 денари, а остатокот бил потрошен на средства наменети за хигиена – 2.193 денари, за превоз – 2.339, за облека и за обувки -2.096 денари, за култура – 1.070 денари и за одржување на здравјето – 666 денари.

Средствата што, според синдикалната кошничка, се издвојуваат за првата група трошоци се преземени од Државниот завод за статистика затоа што 63 производи содржани во неа, иако не ги изразуваат целосните потреби за исхрана, ги изразуваат можностите, навиките и традицијата во исхраната на македонските граѓани. Таа вредност во Сојузот на синдикатите на Македонија не се зема како просечна, туку како минимална вредност. Како и да е, процентот на средства од примањата што се издвојуваат за храна и за пијалаци кај нас е многу поголем од просекот на Европската унија, каде што за таа намена се издвојува околу 20 отсто од просечната плата. И додека, од една страна, растат средствата што се издвојуваат за храна, нејзиниот квалитет опаѓа. Тоа што загрижува е фактот дека многу луѓе се хранат со индустриски преработени производи кои основни суровини, било да се работи за месо, риба или за овошје, имаат во многу мали количини. Така колбасите само замирисуваат на месо, а, всушност, во најголем дел содржат маснотии, додатоци, емулгатори, соја. Соковите, пак, наместо да содржат овошје, се преполни со шеќери, боја и со малку нектар. Сирењето, наместо од млеко, во некои случаи содржи растителни масти, емулгатори. Надлежните за контрола на прехранбените производи од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека, во согласност со законските одредби, е утврдено колку секој производ треба да содржи база, основна состојка, како и колку додатоци да има во него. Доколку некој производ отстапува од поставените барања, при инспекција таквиот производ се отстранува од продажните места. Меѓутоа, никој не може да го негира фактот дека снаодливите трговци успеваат да провлечат сѐ, во најголем дел неквалитетни производи кои имаат пониска цена, па се привлечни за купувачите.

Според стручњаците за прехранбена индустрија, денес консумираме 75 отсто храна која е индустриски произведена, а само 25 отсто е сурова храна која доаѓа од земјоделските производители. Со оглед на тоа што на индустријата ѝ е во интерес што помалку да инвестира, а да добие што поголема количина производи, се намалува уделот на основните суровини и производот на крај е поевтин. Нутриционистите велат дека меѓу граѓаните се забележува тренд на подобрување во исхраната, во насока на свртување кон свежата храна, но уште многу треба да се работи на менување на прехранбените навики, особено кај младите.

– Трендот во исхраната е позитивен, во насока на користење свежа храна, па многу почесто граѓаните одат на пазар или се насочуваат кон делот за овошје и за зеленчук во маркетите. Но, треба уште многу да се работи, особено кај младите, кои секојдневно се изложени на ризиците од нездравата храна. Нивната секојдневна ужина се базира на сендвичи и на хамбургери кои се калориска бомба, полна со маснотии кои предизвикуваат многубројни автоимуни заболувања и го убиваат организмот. Никој не знае што содржат тие сендвичи – маргарин, кој е најшетното нешто за организмот, плескавици, кои содржат сѐ освен месо, кашкавал, преполн со маснотии – вели нутриционистот Цвета Динева.

Според неа, здравата храна е навика која се стекнува од дома.

– Ако родителите јадат овошје, и децата ќе јадат овошје. Ако родителите јадат салами, и децата ќе јадат салами, а сите индустриски преработки се бомба за секој организам. Борбата за профит си го прави своето. Во трката за производство на што поевтин производ, на пазарот се пласира сѐ и сешто. Сирење кое не се знам дали е од млеко или од глутен, сувомесни производи преполни со скроб, нитрити и висококанцерогени емулгатори, млеко кое е сѐ, освен млеко. Дури и тоа што ни се чини безоопасно, како смоките и другите грицки, е штетно тргнувајќи од амбалажата, која може да биде канцерогена, па до составот на самите производи кои немаат никаква енергетска вредност за телото – објаснува Динева.

Ekonomija116-2

Состојбата во Европа не е ништо подобра, кај некои производи дури е и полоша. Порано постоеле прописи, на пример, за тоа колку лешници мора да има во едно чоколадо за тоа да се нарекува чоколадо со лешници, но целата европска индустрија уште одамна почнала да го менува тој систем поради скапиот процес на контрола. Сега целата контрола е препуштена на самите производители. Стручњаците истакнуваат дека, на пример, кај месните преработки постои разлика меѓу уделот на месо и уделот на белковини од месото. На пример, чисто свинско има 16 отсто белковини од месото, па ако на декларацијата пишува удел во белковини, нивната количина не е еднаква со количината на месото. Понатаму, во трајните сувомесни производи нема вода и во нив уделот на месо треба да биде поголем, додека во саламите поголем дел има вода, па не е чудно што уделот на месо тука е помал. Разликата меѓу тие минимални и некои средни, оптимални нивоа на состојки во производите во некои случаи е и повеќе од очигледна. Така, на пример, просечен процент на риба во некои рибини стапчиња, кои можат да се најдат на пазарот, се движи од 55 до 60 отсто, а на полиците има и производи со процент од 22 отсто риба. Што се однесува, пак, до сирупите, на пример, еден литар сок од 50 денари содржи само 10 грама овошен сок, а сето останато е вода и шеќер, па многу поекономично е да се купи еден килограм овошје, па да се направи природен сок без шеќер.

Знаејќи дека високопреработените месни производи содржат адитиви, не треба често да ги имаме на трпезата. Златно правило: колку храната е помалку преработена, толку помалку адитиви содржи, велат нутриционистите.

– Индустриските производи со вештачки адитиви за вкус го зголемуваат апетитот бидејќи во нив нема хранливи материи, па телото бара уште и на крај се трошат повеќе пари бидејќи се купуваат производи кои се нутритивно празни, како чипс, колачи, сокови. Така, всушност, економски е поисплатливо да се јаде здраво – сметаат нутриционистите.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 116. број на неделникот „Република“, 21.11.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top