За разлика од мемоарите на Тимоти Гајтнер, во кои тој внимателно опишува што се случувало во екот на европската и светска финансиска криза, кога ЕУ поради Грција се соочуваше со опасноста да ја загуби единствената европска валута, во оригиналните транскрипти од неговите интервјуа за време на кризата дава многу поостри оцени за однесувањето на евролидерите, но и за нивната желба да ја уништат Грција. Според оригиналните транскрипти, чиишто делови објави новинарот Петер Шпигел од весникот „Фајненшл тајмс“, за Гајтнер нема дилеми што сакале да направат европските лидери кога во 2010 година се собрале да решаваат за состојбата во Грција и да ја елиминираат опасноста за еврото.
Книгата на Гајтнер излезе од печат во мај оваа година, но коментарите во неа никогаш немаше да предизвикаат толкаво внимание доколку јавноста не дознаеше за неговите најрадикални ставови содржани во необјавените транскрипти. Според нив, министрите за финансии на Европската унија на состаноците имале консензус дека Грците (мислејќи на политичката елита што ги водела во последните десетина години) се одвратни, расипани, трошат без никаква контрола и затоа треба да бидат сотрени. Според изјавите на Гајтнер, одмаздата на Европејците била толку голема што тие сакале Грците да ги вратат во камено време поради нивната неодговорност и лаги. Гајтнер открива и дека Италија била уценувана да го отфрли тогаш својот најпопуларен политичар Силвио Берлускони доколку сака да добие финансиска помош од Унијата.
ЕУ лута на Грција, еврото спасено
Информациите што ги сподели со јавноста високиот американски владин претставник никогаш не беа потврдени или допрецизирани од некои од европските учесници во настаните од 2010 година и од 2011 година, кога беше врвот на европската финансиска криза. Тие не беа ниту демантирани. Од сеќавањата на Гајтнер може да се заклучи дека Европејците криеле какви биле нивните чувства кон македонските јужни соседи и за тоа има најмалку две објаснувања.
Прво, ЕУ како лулка на солидарноста не може јавно да каже дека една нивна членка безобразно лаже и за тоа ќе биде казнета, односно вратена во камено време. И второ, казната за Грција, всушност, и покрај тврдењата на Гајтнер, не дозволи банкрот на јужниот сосед, го спаси еврото и ја стабилизира европската монетарна унија.
Гајтнер, кој смета дека ЕУ загубила цели три години во решавање на финансиските проблеми со погрешни мерки, раскажува за состанок одржан во 2010 година во канадското гратче Икалут каде што бил одржан итен состанок на групата од седум најразвиени земји на светот, меѓу кои поголем дел биле претставници на земји што се членки на ЕУ. Гајтнер во свој стил раскажува за времето кога и инвеститорите и берзите живееле во секојдневен страв поради тоа што не знаеле колкави се лагите на грчките власти за вистинската состојба во земјата. Грците не криеле дека нивниот долг е двојно поголем од тој што го прикажуваат, а акциите на француските банки паднале за седум-осум проценти, што е премногу, вели Гајтнер во своите сеќавања, според кои состанокот, всушност, бил натпревар за тоа кој може да предизвика повеќе негативни последици во кризното време и состојба. Гајтнер тврди дека министрите за финансии на земјите што се членки на ЕУ во Канада пристигнале во многу лошо расположение, однапред договорени да ја казнат Грција.
Грците лажат, расипани се, ужасни и неодговорни, ги пренесува Гајтнер ставовите на Европејците за Грција. Речиси сите сметале дека Грците ја искористиле состојбата со еврото и затоа како казна за таа неодговорност треба да бидат уништени. Гајтнер донекаде ја разбирал нивната фрустрација од Грција затоа што биле засрамени и излажани од Грција, која подоцна мораше да зајми многу пари за да се спаси од целосен банкрот.
Според транскриптите, Гајтнер бил многу јасен со своите европски колеги, им порачал дека е во ред ако сакаат да бидат цврсти со Грција, но и дека ако сакаат да ѝ одржат ужасна морална лекција, мора да настапат со издржан став дека нема да дозволат кризата да се прошири надвор од Грција. Тој сметал дека ако сакаат да ја казнат Грција, мора да бидат сигурни дека тоа што ќе го преземат има иднина. Тие сакаа да го извадат стапот и да удрат по Грците, се сеќава Гајтнер, но со тоа само го потхрануваа трошокот, вели поранешниот американски секретар за финансии во екот на најголемата финансиска криза во последните 50 години.
За тие што имале нејаснотии кој лаже во спорот за името?
И тие што имале каква било дилема кој лаже во дведеценискиот спор за името, а кој ја кажува вистината, по читањето на ставовите на овој американски политичар од највисок ранг веќе нема никакви дилеми. Сеќавањата на Гајтнер се, можеби, првиот доказ дека земјите што се членки на ЕУ, особено тие најважните и најбогати, кои со своите пари ги спасија Грција и еврото, многу добро знаат дека лагата е системски код според кој функционира грчката администрација уште од Папандреу Постариот, па сѐ до актуелниот премиер Самарас. И во иднина, веројатно, нема да слушаме јавни поплаки од Брисел, Париз, Лондон и од Берлин за однесувањето на Атина затоа што, навистина, не би било фер членките на Унијата да ги откријат пред светот своите валкани алишта. Тоа што охрабрува е фактот што сите знаат дека Грција, не само со еврото, Кипар или Македонија, туку секогаш кога можела била или на граница на вистината или отаде неа. Колку ќе ни помогне овој факт, кој го потврдува и Гајтнер, останува да покаже времето, но не може да се занемари фактот дека промената на однесувањето на официјален Берлин на средбата со Нимиц и неколкуте изјави на високи германски претставници за името може да се индиректна последица на нивното мнение дека Македонија не е таа што лаже во спорот. Сега кога еврото е спасено, а Грција „вратена во камена доба“, нема никаква пречка лидерите на ЕУ да го запрат „лажгото“ во своите блокади на процеси од регионален, но и од општ европски интерес.
(Текст објавен во 116. број на неделникот Република, 21.11.2014)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.