Едукативна работилница во рамки на проектот на Министерство за здравство за рационална употреба на лекови, со посебен акцент на употребата на антибиотиците се одржа денеска во детска градинка „Чекорче“ во општина Аеродром во организација на Агенцијата за лекови на Република Македонија. Целта на работилницата е едукација на родителите чии деца одат во градинката во насока на превенирање на појавата на нерационална примена на антибиотици со оглед на тоа што последните години е регистрирано нивно зголемено пропишување и нивна употреба од детската популација.
Директорката на Агенцијата за лекови, Марија Дарковска-Серафимовска изјави дека проектот почнал на почетокот на годинава со низа активности со цел поттикнување на свеста на граѓаните за рационална примена на лекови со посебен акцент на употребата на антибиотиците.
Во рамки на проектот формирана е Работна група, изготвени се едукативни материјали на македонски и на албански јазик кои се со јасна конкретна содржина и се дистрибуираат до сите аптеки на територијата на Република Македонија со цел да се овозможи нивна поголема достапност до граѓаните, истакна Дарковска-Серафимовска.
Координаторот на Работната група за спроведување работилници во градинките за рационална употреба на лекови, Мерием Хаџихамза рече дека проектот се наметнал и како потреба поради загрижувачките податоци од теренот за нерационална употреба на антибиотската терапија и зголемување на антимикробната резистенција.
Вакви работилници има и во општините Центар, Чаир, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, како и во Битола, Тетово, Гостивар, Прилеп, Струмица, Кавадарци.
– Оваа активност континуирано ќе трае. Не мислиме дека веднаш ќе се искоренат некои лоши навики, но цениме дека ова е еден добар почеток за унапредување на рационалната употреба на антибиотиците и унапредување на знаењето на населението за ризиците од нерационална и несоодветна употреба на овие лекарства. Антибиотиците се животноспасувачки лекови, но треба да се користат само кога има потреба од нив, додаде Хаџихамза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.