| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Дисперзираните студии дадоа добри резултати и се одлична можност за младите

Дисперзираните студии им дадоа можност на многу млади луѓе што живеат надвор од главниот град со многу помали трошоци, без патувања да се запишат и голем дел од нив и да го завршат своето високо образование и претставуваат извонредна можност за илјадници млади луѓе во Македонија, истакна денска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на прашање на пратеничката Солза Грчева на денешната седница на Собранието.

gruevski sobranie

Премиерот посочи дека, според неговото убедување, дисперзираните студии дадоа добри резултати.

– Јас знам само дека на многу млади луѓе им се помогна да се запишат и голем дел од нив да завршат студии. Огромен број од нив, можеби, немаше да се запишат и да завршат и поинаку ќе им се движеше нивната животна патека доколку не им се отвореа овие дисперзирани студии. Потценувањето на младите луѓе во другите градови надвор од Скопје не е добра работа. Треба да им се даде на сите еднакви можности – рече Груевски.

Со намалување на цената на студирањето и на оние што се со партиципација и без партиципација на симболични 200 евра односно 400 евра. Според премиерот, на некој начин, тоа е субвенционирање на високото образование од страна на државата со што помогна многу поголем дел од луѓето да имаат достапност до високото образование.

– Нашиот концепт е дека секому да му се даде шанса. Покрај ова, ние организиравме и медиумска кампања, која требаше да ги охрабри младите луѓе. Секој што чувствува дека има потенцијал да се обиде да се запише и преку труд, преку учење, преку креативност, посветеност да дојде до знаење и до диплома, рече Груевски. Сметаме дека секој млад човек треба да добие шанса, додаде тој. Од него понатаму зависи колку и како ќе ја искористи таа шанса.

Завршувањето, посочи премиерот, зависи од самиот студент, а запишувањето и текот на студирањето, трошоците, патувањето итн., во голема мера зависат и од организирањето на државата. Според тоа што го разбрав од излагањето на почитуваната пратеничка, таа не смета дека треба да се има поголем број универзитети, факултети, дисперзирани студии бидејќи смета дека тоа го намалува квалитетот. Јас не мислам дека тоа влијае значително на квалитетот, истакна Груевски.

Укажа дека повеќе намалувањето на квалитетот го гледаат во трката за профит кај одредени приватни универзитети, не кај сите, веројатно, како што рече, некои од нив соодветно си ја вршат својата улога и својата работа, меѓутоа кај некои од нив таа трка за профит доведе до ситуација лесно да се даваат високи преодни оценки на сметка на знаењето.
Според него, тоа не значи дека некаде и на државните универзитети немало такви пропусти во смисла на лесно добивање преодни оценки без доволно знаење, но преовладува повеќе кај оние кај коишто профитот е во преден план.

Потенцира дека воведувањето државен испит ќе помогне во најмала рака да имаат гаранција дека најмалку секој студент ќе има знаење за преодна оценка. Воведувањето државен испит, истакна премиерот, не е ништо друго освен еден испит повеќе поделен на два дела ­ првиот дел кој се полага по втората година, а вториот дел по завршување на студиите по дипломирањето.
­

Го има во повеќе земји, не е точно дека сме менувале или ретерирале. Отворивме јавна дискусија, кажавме дека сме насочени најмногу кон државен испит и на тоа стоиме и сега, посочи Груевски.

Тој одговарајќи на друго пратеничко прашање, повтори дека постои сериозна разлика помеѓу екстерно тестирање и државен испит и не треба студентите да се манипулираат. Истакна дека со ова ќе им се помогне на студентите да добијат еднакво знаење и оценка и дека од следната година студентите ќе имаат обврска да полагаат државен испит, па токму затоа не разбира зошто беше протестираа сегашните студенти.

– Студентите кои протестираа и да сакаат нема да полагаат државен испит бидејќи нема да се запишуваат во 2015 година на факултет – рече Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top