| четврток, 6 декември 2018 |

Џокерот од Аурора е обичен лудак или жртва на неуспешен владин проект за контрола на умот?

Додека уставното право за употреба на огнено оружје станува се погорчлив проблем на Белата куќа, Американците се повеќе се обидуваат да откријат што е тоа што ги поведува „мрачните умови“ во смртоносни походи во кои по правило жртви се недолжни граѓани, најчесто деца.

2012 година беше година на масовните убиства во САД. Во пет масакри беа убиени шеесетина невини граѓани од кои половината беа деца, а еден од најконтроверзните беше масакрот во кино салата во Аурора, Колорадо за време на промоцијата на новиот филм за Бетмен. 24 годишниот Џејмс Холмс е човекот обвинет за убиство на 12 луѓе, а 58 беа ранети. Според обвинението, тој ладнкокрвно стрелал кон се што се движи во салата, а потоа многу смирено и се предал на полицијата. На полицајците им се претставил како Џокер (лик од Бетмен). Во текот на истражната постапка „Џокерот“ тврдеше дека не се сеќава на ниту еден детал од страотниот масакр, а неговите адвокати се обидуваат да докажат дека е луд. Но, фактите за него до кои стигнаа американските медиуми во изминатите месеци покажуваат нешто поинакво. Тој бил многу интелигентно момче кое страстно ја сакало науката, па така станало дел и од некои научни истражувања кои се одвивале под капата на државата, далеку зад вратите на јавноста. Токму овие детали фрлаат сомнеж на завера, односно дека момчето било само марионетка злоупотребена од непозната организација за исто така непозната цел.

ФАКТИ

По настанот во Аурора, полицијата строго забранила да се објавуваат јавно сите линкови кои го поврзуваат Џејмс Холмс со проектите на американската влада. Официјално им е забрането на сите лаборатории и училишта во чии проекти учествувал Холмс да откриваат детали за медиумите. Не е тајна дека Џејмс Холмс е еден од шесте добитници на грант за обука од Националниот институт за невронски мрежи при Универзитетот Колорадо во Денвер. Дипломирал неврологија на Универзитетот во Калифорнија, а потоа се запишал на докторски студии во центарот Аншуц (кој до неодамна бил центар на американската војска) од кои се откажал во јуни годинава, месец пред масакрот. Таму посетувал психијатар, која не ја открива зошто имал потреба од такво нешто. Сепак, тоа што е познато е дека Холмс ја барал психијатарката десетина минути пред да го изврши грозоморното убиство, но не успеал да ја добие. Контроверзиите во животот на Холмс почнуваат од 2006 година, кога како 18-годишник станува практикант во истражување што го спроведувал институтот Салк на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего. Истражувањето кое се вршело во соработка со американската агенција за напредно истражување во одбраната позната под кратенката ДАРПА, било со цел да се спречи заморот кај војниците на бојно поле преку зголемена употреба на „епикатечина“, кој го зголемува протокот на крв и предизвикува дилетација на крвни садови. Истражувањето било дел од една поголема програма на ДАРПА позната како “Програма за максимални перформанси на војникот“, која работи на создавање на интерфејси кои се вградуваат во човечкиот мозок за употреба на бојното поле, вклучувајќи употреба на хумано-роботски додатоци за нозете, рацете и очите. Која била неговата улога во проектот не е познато, но јасно е дека Холмс бил фасциниран од истражувањата во врска со контролата на умот, а за време на неговиот престој во институтот за биолошки истражувања Салк, тој дизајнирал компјутерска програма за промена на менталните состојби со користење на стапки на треперење.
Интересен е и податокот дека во агенцијата ДАРПА, како експерт работел и таткото на Џокерот- д-р Роберт Холмс. Роберт од 1998 година бил дел од проектот за развивање на “кортроник нервни системи”, кои би им овозможиле на машините да можат да размислуваат како луѓето. Концептот „кортроник“ беше развиен од страна на главниот научник и косопственикот на Ха Ен Це Софтвер Роберт Хеч Нилсен. Оваа компанија подоцна се поврзува со корпорација од Минеаполис за компјутерски анализи (FICO) во која подоцна продолжил да работи Роберт Холмс.
Професорот Теренс Сејновски од институтот за биолошки студии Салк и директор на компјутерската невробиолошка лабораторија, во интервју во врска со истражувањата на човечкиот мозок вели:
” Алан Њуел (когнитивен психолог и истражувач ) еднаш рече дека кога беше создадена вештачката интелигенција на почетокот на осумдесетите не беше доволно познато од каква корист би била таа. Тоа денеска се промени и ние сега многу знаеме за мозокот. Можеби повеќе отколку што треба да знаеме.“

СОМНЕЖИ

Врските меѓу младиот и стариот Холмс и владините истражувања за креирање на супер војници, човечки мозоци со компјутерски интерфејс, и човеколики роботи, кај обичните луѓе отвораат прашања од типот- дали Џејмс Холмс живеел живот како Џејсон Борн (од филмот Борновиот идентитет кој беше дел од неуспешниот проект Тредстоун) и резултираше со смртоносни последици во Аурора, Колорадо? Некои веруваат дека сите овие податоци се само коинциденција, други пак веруваат дека бил дел од некој таен владин проект за контрола на умот, но како и да е, во секој случај има доволно простор за сомнежи.
Универзитетот Колорадо во Денвер се споменува и како еден од институциите кои во минатото биле дел од контроверзниот проект на ЦИА, МКУЛТРА, чиј фокус бил контрола на умот на обичните граѓани.
Масовното убиство во Аурора, Колорадо беше извршено на оддалеченост од нешто повеќе од 30 километри од Литлтаун, место каде што се случи уште едно страшно убиство на 20 април 1999 година. И тој случај беше проследен со многу сомнежи и спорни факти, најмногу околу сведочењата на очевидците кои идентификувале повеќе различни луѓе кои наводно пукале, како и убиства кои се случија во следните неколку недели по настанот.
Американските медиуми за многу кратко време најдоа многу заеднички факти кои ги поврзуваат случајот во „Аурора“ и со случајот „Сирхан Сирхан“ од седумдесеттите години од минатиот век. Пред 40-тина години Сирхан бил обвинет за убиство на Роберт Кенеди. Три децении подоцна се утврдило дека тој во моментот на убиството бил под дејство на дрога, како и дека е погрешно обвинет, додека вистинскиот убиец никогаш не бил откриен. Лондонски Индепендент во 2005 година пишува дека Сирхан всушност бил „Манџуриски кандидат“, односно жртва на контрола на умот и бил наместен да одговара за убиството. Очевидците го опишале Сирхан дека бил во состојба на транс кога го повлекол чкрапалото од пиштолот. Споредбата меѓу Сирхан и Џејмс покажува дека деталите се застрашувачки слични.
Очевидците и за двајцата сведочеле дека биле во состојба на транс, или под дејство на дрога. И Сирхан и Џејмс тврделе дека не се сеќаваат на деталите за тоа за што се обвинети. Сведоци на убиствата и во двата случаи тврдат дека обвинетите убијци не биле сами на местото на злосторствата, односно дека имало и други луѓе со оружје. Во случајот со масакрот во Аурора, сведоците велат дека убиецот бил со гас маска, а непосредно пред да се распука зборувал на телефон во просторот за излез при итни случаи.
Во врска со случајот на Џокерот, има уште неколку нејаснотии кои не се совпаѓаат со официјалната верзија на властите. Нејасно е како Холмс стекнал вештини за правење експлозивни направи и тоа до таа мерка како експерт за експлозиви. Не е познато ниту од каде имал пари за да го напави смртоносното оружје. Исто така, не е јасно зошто најпрво го минирал станот, а веднаш откако бил уапсен ја предупредил полицијата дека внатре има бомба.
Се уште не е утврдено дали Холмс има психички проблеми или не, но во секој случај тој уште од денот на апсењето се однесува чудно. Ладнокрво им се претставил на полицајците како Џокер, немал никаква концентрација во судницата, плукал врз стражарите, а на крајот не можел да се сети на деталите околу убиството. Вработени во затворот сведочеле дека се однесувал како да не знае зошто е внатре, постојано прашувајќи ги зошто е зад решетки. Сепак, никој таму не му верувал дека навистина е луд.

МКУЛТРА- најзастрашувачки проект на ЦИА за контрола на умот

Проектот МКУЛТРА е именуван од хемичарот Сидни Готлиб од ЦИА кој почина во 1999 година. Во неговото сведочење пред Конгресот, Готлиб признал дека ЦИА води ваков проект, и дека во своите експерименти употребувала ЛСД дрога врз 40 затвореници и макроа, од кои најмалку еден извршил самоубиство скокајќи од 10 кат во хотел. Останатите, според сведочењето на Готлиб, претрпеле психолошки оштетувања.
Не е тајна дека ЦИА работи на создавање софистицирани програми за контрола на умот уште од педесеттите години од минатиот век, но најозлогласен од сите е проектот МКУЛТРА кој долго време е криен од јавноста и благодарение на тоа луѓето малку се запознати со оваа програма. Еден од ретките медиуми кои истражувале на оваа тема е реномираниот Вашингтон пост кој објави текст со сведоштво на Џон Венс, инспектор на ЦИА, кој во раните 60-ти открил дека агенцијата тајно води проект МКУЛТРА за незаконска контрола на умот. По неколку децении строга таност, владините документи во врска со проектот станаа достапни за јавноста благодарение на законот за слободен пристап до информациите во САД. Иако скоро сите документи за проектот се уништени во 1973 година по наредба на тогашниот шеф на ЦИА Ричард Хелмс, „преживеале“ 20.000 страници од МКУЛТРА кои биле дел од финансиската евиденција на ЦИА затоа што биле превидени при уништувањето. И тој мал дел од оригиналната документација открива многу вознемирувачки операции во кои граѓаните на САД без да знаат биле изложувани на експерименти не само со ЛСД, туку и со зрачење, смртоносни биолошки агенси, па дури и на тортура во името на „националната безбедност“. Контроверзниот проект МКУЛТРА е затворен кон крајот на шеесеттите, но други уште пософистицирани строго доверливи програми за контрола на умот продолжуваат и до денес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top