Турските компании се заинтересирани за нови инвестиции во Македонија, изјави претседателот на турскиот парламент, Џемил Чичек, кој денеска ја посети земјава.
Според него, компании од Турција биле заинтересирани за отворање и стопанисување со голема економска зона во Гевгелија. Турција ги поттикнува своите бизнисмени да ја зголемуваат економската и трговската размена со Македонија, вели Чичек, кој во посета доаѓа на покана на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.
– Уверени сме во тоа дека таа трговска размена во најкраток можен рок ќе достигне една милијарда долари. Ние ги поттикнуваме нашите деловни луѓе да инвестираат и таа економска и трговска соработка да се развие уште повеќе – нагласува Чичек.
Со Вељаноски разговараа и за политички прашања, за ситуацијата во Македонија, но и во регионот.
– Македонија е срцето на Балканот и чувањето на мирот и меѓусебното разбирање во регионот поминува низ мирот и стабилноста на Македонија. Затоа Турција ги поддржува напорите на Македонија за што поскоро членство во НАТО и во Европската унија- рече Чичек.
Според Вељаноски, двете земји соработуваат и околу меѓународни прашања, како што е борбата против тероризмот, каде што Македонија и Турција разменуваат информации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.