Македонија има добар економски напредок, лани завршивме со трет најдобар раст на БДП во Европа, а во првата половина од годинава со втор раст на БДП од 4,1 отсто, истакна денеска премиерот Никола Груевски во обраќањето на Виенскиот економски форум.
Груевски се осврна на чекорите кои што Република Македонија ги презема на полето на економијата и резултатите од нив потенцирајќи го фокусот на макроекономската стабилност, капиталните инфраструктурни инвестиции и најниските трошоци за правење бизнис во Европа.
– Фокусирани сме на макроекономската стабилност, државниот долг е ниско умерен и изнесува околу 40 проценти. Фокусирани сме и кон капиталните инвестиции во инфраструктурата. Моментно градиме три автопати и пруга кон Бугарија и она што е значајно за инвеститорите, покрај ангажираната работна сила која Македонија ја поседува, е тоа што имаме најниски трошоци за правење на бизнис во Европа – изјави премиерот Груевски.
На Виенскиот економски форум, еден од најреномираните и најеминентни политичко-економски настани на европскиот континент, присуствуваат и претседателот на Република Австрија Хајнц Фишер, австрискиот премиер Вернер Фајман, албанскиот премиер Еди Рама, црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, вицепремиерот на Бугарија Томислав Дончев, претседателот на Европската банка за обнова и разво, Сума Чакрабарти и поголем број значајни лица од други европски земји или мултилатерални организации.
Според Груевски, настаните како што е Виенскиот економски форум помагаат за креирање заеднички политики и проекти кои што ќе водат кон економско или политичко интегрирање на земјите од Југоисточна Европа во Европската Унија.
Неговиот албански колега Еди Рама, пак, ги истакна заложбите кои што ги имаат сите земји од Западниот Балкан за остварување економски реформи.
– Практично во секоја земја има строга посветеност и големи напори за реформи, и како резултат на реформите и промените и како резултат на владиниот пристап кон подобрување на бизнис климата Албанија направи значителен скок во рок од една година на листата на Дуинг Бизнис од 40 места, а историските податоци покажуваат дека и Македонија постигнува значаен напредок на листата на Дуинг Бизнис – истакна албанскиот премиер Рама.
На отворањето на Виенскиот економски форум австрискиот претседател Хајнц Фишер укажа на посветеноста на Република Австрија за овозможување поддршка за економската и политичката интеграција на регионот на Југоисточна Европа во ЕУ.
– Ние ја поддржуваме европската перспектива на сите земји од регионот на Југоисточна Европа, но не само политички туку поддржуваме и економски развој и проекти од инфраструктурата во регионот и тоа е исто така потребно за поголема интеграција и на политичко и на економско ниво – рече австрискиот претседател.
Заложбите кои ги преземаат земјите од Западен Балкан за напредок, според црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, треба да бидат поддржани од страна на Европската Унија. – Важно е Европската Унија да креира една поширока инвестициска рамка од онаа која што е постоечка и која што ќе помогне да се развие интегративната иднина на Западниот Балкан во Европската Унија, истакна црногорскиот премиер Ѓукановиќ.
Во текот на денот, премиерот Груевски ќе учествува на состанокот на Централно – европската иницијатива каде што Република Македонија ќе го преземе претседавањето со иницијативата за 2015 година од досегашниот претседавач Република Австрија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски