За носталгичарите за ретростилот, тие што знаат да уживаат во „Брилијантин“ или „Флешденс“, тие што потпевнуваат на „Livin’ on a prayer“ додека брзаат на работа со слушалки во ушите, за кои Мадона е незаменливата поп-икона, а Џон Траволта е еден од најдобрите холивудски фраери, Драган Б. Костиќ има интересна приказна. Во осумдесеттите години, Костиќ добива на подарок часовник од Џеј, кој бил Американец, возрасен човек, што случајно се нашол во хотел „Турист“ каде што Драган пуштал музика.Човекот бил сопственик на еден од најпознатите синџири на хотели од Б-категорија во Њујорк. Џеј доаѓал секоја година и на крајот кога си заминувал секогаш на персоналот му давал по 100 долари, освен на Драган.
-Една година на почетокот на 80-те години, дојде повторно на врата, како и секоја година. Ми рече дека за мене има два подарока, еден поголем и една помал. Поголемиот беше кутија во која го имаше најновиот број на музичкото списание „Билборд“. Во она време, да го имате најновото издание кое од Њујорк сме го чекале по две недели, значело многу. Под списанието, убаво беа спакувани првите сто албуми за таа недела во Америка. Вториот подарок што го добив ми кажа дека е нешто најново и најпопуларно во Њујорк. Ми рече:„ На овие албуми ќе им пројде времето, а ова што сега ќе ти го подарам секогаш ќе ти го покажува времето“. Значи во тоа време, пред повеќе од 30 години ми подари часовник. Часовникот, кој е од првата генерација, до денеска работи, само ремчето е сменето – раскажува Драган Б. Костиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.