| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерот Груевски на Виенскиот економски форум и на состанокот на ЦЕИ

gruevski

Премиерот Никола Груевски денеска ќе се обрати на 11. Виенски економски форум,  „Визии и одговорности во време на промени“, каде што ќе се дискутира за предностите, влијанието и перспективите на економската регионална соработка.

Воедно, премиерот Груевски во Виена ќе присуствува и на состанокот на Централно-европската иницијатива, каде што ќе се изврши и чинот на официјално преземање на претседателството со иницијативата од страна на Република Македонија од досегашниот претседавач Република Австрија.

На состанокот и во обраќањата, според владината служба за информирање, Груевски ќе ги истакне приоритетите на македонското претседавање со ЦЕИ во текот на 2015 година, и календарот на активности кои се предвидени за реализација на приоритетите и на целите. Двата настана, и Виенскиот економски форум и состанокот на Централно-европската иницијатива, се значајни настани на кои ќе присуствуваат поголем број шефови на држави и на влади од Европа.

Покрај македонскиот премиер, на настаните ќе учествуваат и сојузниот претседател на Република Австрија, Хајнц Фишер, австрискиот канцелар Вернер Фајман, италијанскиот премиер Матео Ренци, премиерот на Република Чешка, Бохуслав Соботка, хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, албанскиот премиер Еди Рама, црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, премиерот на Република Босна и Херцеговина, Вјекослав Беванда и поголем број други високи официјални лица на европски земји и мултилатерални организации.

На маргините на настаните се очекуваат и средби и разговори на премиерот Груевски со присутните колеги од другите земји. Премиерот Груевски ќе оствари и средба со претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти, на која ќе се дискутира за можностите, аспектите и деталите за соработка на поголем број тековни и идни проекти од заемен интерес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top