Приватна компанија ќе го надгради и обнови Градскиот трговски центар и потоа ќе управува со него. Државата бара консултант кој ќе изработи студија за исплатливост, ќе изготви модел за приватно – јавно партнерство, но и кој ќе анимира потенцијални инвеститори.
На тендерот кој е објавен и на Бирото за јавни набавки може да се пријават фирми кои имаат зад себе најмалку два слични проекти и позитивно финансиско работење. Крајниот рок е 12-ти декември.
Победникот би имал 5 месеци да ги заврши анализите. Доколку тие покажат дека проектот е исплатлив потоа ќе се оди со нов повик на кој ќе се бара и инвеститор за обнова на најстариот трговски центар во Македонија.
Точните услови ќе ги одреди консултантот, но една од можностите е приватниот партнер за возврат на вложените средства да го добие на 25 годишно користење новиот, трет кат, кој ќе има површина од 12 илјади квадратни метри. Сопствениците на постоечките продавници не би биле засегнати.
Во меѓувреме трае и постапката за изработка на изведбениот проект кој се прави врз основа на идејното решение на архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов, а кој предвидува доградување на еден кат, целосно затворање на објектот, но и нова фасада во стилот на Скопје 2014-та на која ќе има антички столбови и скулптури. Сегашниот објект е изграден во 1973-та година, дело на архитектот Живко Поповски. Оттогаш има претрпено минимални промени.
Инаку ГТЦ сега е акционерско друштво, но 97 отсто од сопственоста е на државата преку претпријатието за станбен и деловен простор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


