
Во синоќешната акција на гостиварската полиција за откривање лица со нерегулиран престој и работење во земјава, во селото Чегране биле откриени една бугарска државјанка и пет албански, кои работеле како пејачки и танчарки. Во текот на денот се очекува тие да бидат изведени пред судија за прекршоци во Основен суд Гостивар, информираат од СВР Тетово.
Странските државјанки на возраст од 19 до 34 години биле затекнати во угостителскиот објект „Нота“ сопственост на А.Ш.(46). По приведувањето е утврдено дека тие го злоупотребиле туристички престој, а нелегално работеле како пејачки и танчарки. Подоцна, тие се предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија.
Заради основан сомнеж дека го прекршиле законот за странци, тие ќе се соочат парични глоби и со забрани за влез и престој во Македонија.
Годинава, на поширокото гостиварско подрачје биле откриени 32 странски државјанки, најмногу од Албанија, Србија и Бугарија кои работеле и престојувале незаконски. Како економски емигранти се регистрирани и 105 лица главно од Република Албанија кои во Гостиварско биле ангажирани како наемни работници во земјоделието и во градежништвото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


