
Во Македонија, како и во светот, постои тренд на зголемување на бројот на хоспитализирани предвреме родени бебиња, како и поместување на старосната граница. Во државава сè повеќе има бебиња родени во периодот од 24. до 28. гестациска недела.
Порастот на бројот на предвреме родени деца е последица на современиот начин на живот, поместувањето на старосната граница кај мајките и тоа што е сè поголем бројот на прворотки повозрасни од 35 години, како и на примената на биолошки потпомогнато оплодувањето, кое често резултира со близначка бременост, која е многу ризична и голем дел од овие бебиња се прематурни.
Ова денеска го истакна директорката на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова на прес-конференција на тема „Предвреме родените деца – ден потоа“ организирана по повод Светскиот ден на предвреме родени бебиња. Посочи дека најмалото новороденче на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести е комплетно истретирано, излекувано и е со уреден психомоторен развој, што значи здраво дете на возраст од 25. гестациска недела, со родилна тежина од 650 грама, а должина од 32 сантиметра. Во моментов имаат 15 до 16 предвреме родени бебиња.
– Ако во 2013 година просечно на месечно ниво на Одделот биле згрижени три до четири предвреме родени бебиња, годинава нивниот број е зголемен за 50 проценти и сега во просек има шест до седум предвреме родени бебиња месечно. Од овој број, 45 проценти се родени од 32. до 37. гестациска недела, 25 проценти од 28. до 32. недела, 20 проценти од 26. до 28. гестациска недела, 8 проценти од 24. до 26. недела и само два процента се од 23. до 24. гестациска недела. Со предизвикот да се одржи во живот едно вакво бебе секојдневно се соочуваат вработените во Одделот за интензивна нега и терапија на клиниката – рече Софијанова.
Групата на предвреме родени деца, нагласи таа, се највулнерабилната група на пациенти на одделите за интензивна нега и терапија, пред кои се наидува на најголеми предизвици не само во насока на спасување на нивниот живот, туку и овозможување квалитетен и нормален живот.
– Во последнава година и пол, со воведувањето нови методи, особено на неинвазивната (нежна) вентилација Bubble C pap, одделот може да се пофали со поголемо преживување, особено во групите 26.-28. гестациска недела. Овој метод е замена за механичката вентилација во ситуации кога состојбата на бебето го дозволува тоа . Со овој неинвазивен пристап се намалуваат инфекциите, како и одредени состојби предизвикани од интубирањето и механичката вентилација. Иако Bubble C pap методот во светските неонатолошки центри се употребува со години, во Македонија ние сме единствена институција што го користи и резултатите се видливи дури и за овој краток период – истакна Софијанова.
Укажа на потребата од добро гинеколошко-акушерско водење на трудниците, за спречување на предвременото раѓање, но и обезбедување добра основа и кондиција на плодот ако дојде до предвремено раѓање бидејќи на тој начин се зголемуваат шансите на тоа дете не само за преживување, туку и за развивање во здрава индивидуа.
Искра Трпева, мајка на предвреме родено бебе, на прес-конференцијата истакна дека на Одделот за интензивна нега на Клиниката направиле сè за тоа да биде тоа што е денес.
– Ангела е родена во првата недела од осмиот месец. Со огромна помош и поддршка од тимот од Одделот, навистина успеавме. Имав прекрасно искуство со луѓе кои помогнаа. Ангела сега има три години и пет месеци – рече Трпева и му се заблагодари на персоналот на Клиниката.
Уште две мајки на прес-конференцијата ги споделија доживувањата што ги имале во текот на третманот на нивните предвреме родени бебиња на Одделот и изразија задоволство од помошта и поддршката што ја добиле од тимот.
Доктор Лилјана Којиќ од Одделот рече дека ризик за предвремено родени бебиња се инфекција, возраста на мајката, а постојат и жени со структурни аномалии -со хормонски проблеми за забременување, со утерус што не е квалитетен за носење бременост, па мора да се прават интервенции…
Директорката на Клиниката, Софијанова истакна дека имаат лактариум, место каде може да се одмолзуваат мајките и да го даваат на децата. Изрази надеж дека наскоро ќе имаат и банка за мајчино млеко, што е многу актуелно во светот.
– Ќе може да имаме мајчино млеко во банка кое ќе биде секогаш достапно за децата. Непроценлива е вредноста на мајчиното млеко за растењето и за развојот на ваква група деца – нагласи Софијанова.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека досега 50 проценти од тие новороденчиња се целосно здрави и Клиниката комплетно ги евалуира во однос на нивното натамошно особено невроразвојно следење.
– Од 50 до 60 проценти од нив реално остануваат без никакви последици. Во делот во однос на доцнење на нивниот психомоторен развој имаме 20 до 30 проценти – додаде Софијанова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


