Мелењето уништува здрави состојки
Пронаоѓањето на индустријализираните мелници кон крајот на 19 век го менува тоа што ние го добиваме од житарките. Со мелењето се намалуваат триците и микробите, а житарките се прават полесни за варење, како и полесни за чување без да се ладат.
Со рафинирањето на житарките се создаваат меки брашна, од кои се прават бели, воздушести лебови и колачи. Меѓутоа, за рафинираните житарки има цена што треба да се плати, а тоа е губиток на здравите состојки. Со тој процес се отфрлаат повеќе од половината на Б-витамини, 90% од витаминот Е, како и речиси сите растителни влакна. Сè повеќе истражувања покажуваат дека со враќањето на целозрнестите житарки и на другите помалку користени извори на јаглехидрати, како и со намалувањето на употребата на рафинираните житарки се подобрува здравјето на безброј начини.
Една четвртина од нашиот оброк, според чинијата за здрава храна на Харвард, треба да биде резервирана за целозрнестите житарки, бидејќи науката докажа дека квалитетот на јаглехидратите е исто толку важен како и квантитетот.

Нема волшебни својства, но дејствува
Целозрнестите житарки не содржат волшебна хранлива состојка што ја победува болеста и што го подобрува здравјето. Се работи за цел пакет на елементи што недопрени работат заедно.
Растворливите растителни влакна во целите зрна го намалуваат лошиот холестерол, а нерастворливите влакна го олеснуваат отфрлањето на отпадот низ дигестивниот тракт. Влакната, исто така, можат да ги поттикнат антикоагулансите на телото и да помогнат да се спречи формирањето на мали крвни згрутчувања што можат да предизвикаат срцев или мозочен удар. Фитоестрогените (растителните естрогени) во целите зрна можат да заштитат од некои видови рак, а есенцијалните минерали, како магнезиум, селен, бакар и манган, може да помогнат да се намали ризикот од срцеви заболувања и дијабетес, стои во публикацијата „Здрави придобивки од целите зрна“ на Харвардовата школа за јавно здравје.
По овие докази целозрнестите житарки станаа звучна фраза и тренд, па компаниите не се срамат да ги користат за да го привлечат нашето внимание за да ги купуваме нивните производи.
Целозрнестите житарки и болестите

Повеќето студии, вклучувајќи и некои студии направени од неколку различни тимови на Харвард, покажуваат поврзаност помеѓу целите зрна и доброто здравје.
Еден од најинтересните извештаи за оваа врска е оној од студијата за женското здравје во Ајова, САД, кој покажал дека жените што барем два пати во денот јаделе целозрнести житарки биле за цели 30% помалку изложени на ризик од смртност и од воспаленија.
Според харвардовите публикации, голем број други извештаи покажуваат директна поврзаност на „целите зрна“ и на производите од нив со конкретни болести.

Кардиоваскуларни болести – Јадењето цели место рафинирани зрна значително ги намалува вкупниот холестерол, липопротеините со ниска густина (ЛДЛ или лошиот холестерол), триглицеридите и нивото на инсулин. Една студија на медицинските сестри базирана на Харвард покажува дека жените што јаделе 2-3 порции производи од цели зрна имале 30% помалку шанси да добијат срцев удар или да умрат од срцеви заболувања во текот на 10 години од жените што јаделе помалку од една порција неделно.
Една неодамнешна анализа на седум големи студии покажа дека кардиоваскуларните болести (срцев удар, мозочен удар, затната артерија) биле за 21% помалку застапени кај луѓето што јаделе 2,5 или повеќе порции храна од цели зрна дневно во споредба со оние што јаделе помалку од 2 порции неделно.
Дијабетес тип 2 – Во една студија направена на повеќе од 160.000 жени, чие здравје и навики во исхраната биле следени 18 години, се покажало дека тие што јаделе во просек 2-3 порции храна од цели зрна на ден биле со 30% помалку шанси за дијбетес тип 2 отколку оние што ретко јаделе таква храна. Во прилог на ова се и уште неколку наоди од оваа студија, според кои, замената на белиот ориз со цели зрна може да помогне во намалувањето на ризикот од дијабетес. Истражувачите откриле дека мажите и жените што јаделе најмногу бел ориз, и тоа пет или повеќе порции неделно, имале 17% поголем ризик од дијабетес отколку оние што јаделе бел ориз помалку од еднаш месечно. Оние што јаделе најмногу кафеав ориз (две или повеќе порции неделно) имале 11% помал ризик од дијабетес отколку оние што ретко јаделе кафеав ориз.

Рак – Податоците и истражувањата за позитивниот ефект од целозрнестите житарки врз намалувањето на ризикот од рак се различни. Некои студии покажуваат дека постои заштитен ефект, додека други даваат негативен резултат. Една голема 5-годишна студија меѓу речиси 500.000 мажи и жени сугерира дека јадењето цели зрна, но не и диетални влакна, нуди скромнa заштита од рак на дебелото црево.
Дигестивни заболувања – Влакната од целозрнестите житарки помагаат во спречувањето на запекот, а помагаат и во спречувањето на дивертикуларната болест (дивертикулоза) со намалување на притисокот во цревата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


