Поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија продолжува во селото Кожле, општина Петровец, во рамките на културно-научната манифестација „Ганеви денови“. Во знак на чествување на големиот македонскиот поет и долгогодишен член на ДПМ, Гане Тодоровски, во селото Кожле, од каде што потекнува неговото семејство и каде што е неговиот вечен дом, в сабота (22 ноември) ќе настапат истакнати македонски поети од повеќе генерации. Љубителите на поетскиот збор на оваа средба ќе имаат можност да го проследат настапот на Иван Чаповски, Методија Фотев, Раде Силјан, Ресул Шабани, Веле Смилевски, Бранко Цветкоски, Трајче Кацаров, Гордана Михаилова Бошнакоска, Кочо Топузоски, Данило Коцевски, Братислав Ташковски, Сеида Бегановиќ, Јордан Плевнеш, Оливера Доцевска, Миле Јовановски Поречанец, Олга Панкина, Димо Димчев, Методија Тошевски, Мирче Нешовски, Горан Анчевски и Благој Самоников. Договорено е средбата да има традиционален карактер и таа секоја година да се одржува во соработка меѓу ДПМ и културно-научната манифестација „Ганеви денови“.
Караванот на Друштвото на писателите на Македонија се организира во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.