Дали се сеќавате кога последен пат сте седнале на семеен ручек, домашно приготвен од здрави производи или кога последен пат сте помислиле колку е старо маслото во кое се испржени смрзнатите компири во вашиот омилен хамбургер? Многумина попрво ќе се сетат колку бил голем сендвичот отколку на тоа дека минатата недела кај баба јаделе боранија одгледана на село, далеку од сите загадувања.
Можеби оправдување ни се современиот начин на живот што диктира брзо темпо на живеење и развојот на модерните технологии, но истиот тој развој не смее да ни биде оправдување зошто сме ја заборавиле онаа народната „здравјето низ уста влегува“.
И современата наука го вели истото дека храната е „информација“ за телото и ако му дадеш правилна информација, правилно ќе дејствува.
Јаболко против шминканиот кроасан
Голем број експертски истражувања, направени во последните години од реномирани научни и медицински установи, го покажуваат она што сите го знаеме, а, за жал, не го сфаќаме сериозно, а тоа е дека денес сè помалку се употребуваат и се приготвуваат свежи производи, а сѐ повеќе посегнуваме по брзата и индустриска храна, убаво спакувана и уште поубаво обоена и ароматизирана.
Разните грицки и колачиња со месеци стоени на рафтовите од маркетите се брз појадок што лесно и брзо ни ја задоволува гладта. Крцкавите тостови со газирани пијалоци, преполни со шеќер, не ни го трошат скапоценото време на приготвување свежи салати, домашни супи или риба, а чоколадото е пофраерско од непрсканото јаболко.
Но, истовремено, со таквата храна во организмот внесуваме штетни хемиски адитиви, канцерогени супстанции, штетни масти со кои ги качуваме лошиот холестерол и триглицеридите во крвта, го замастуваме црниот дроб, ја загрозуваме работата на срцето и бубрезите, ги ослабуваме коските и мускулите, ги расипуваме забите, стануваме дијабетичари, се дебелееме и стануваме асоцијални производи на социјално мрзливото и рамнодушно милје.
Храната ни дава многу повеќе од збирот на нејзините хранливи материи – протеини, јаглехидрати, масти, витамини и минерали. Таа е кондензирана и трансформирана енергија, а јадењето е начин да се извлече живот од таа енергија.
Од нездрава исхрана до рак
Античката мудрост вели: „Не живеј за да јадеш, туку јади за да живееш“. И тоа разновидно и умерено. Прекумерното внесување сол во организмот ја нарушува рамнотежата меѓу калиумот и натриумот во организмот, го зголемува крвниот притисок, ја задржува водата во телото.
Неконтролираното внесување масти, особено од животинско потекло, но и индустриски и млечни масти, како путер, маргарин, млечен крем, може да предизвика разни заболувања и несакани последици – од прекумерно дебелеење, преку дијабетес и срцеви заболувања, па сѐ до некои видови рак. Најновите истражувања покажуваат дека со затнувањето на крвните садови од мастите може сериозно да се оштети и мозокот.
Искористете ги плодовите на природата
Храната не е само потреба. Таа е и лек и задоволство. Навистина вреди да се размисли како се храниме, дали ни е поважен еден „вкусен“ оброк или месеци поминати во лекување.
Направете го еден од најбитните чекори во животот и искористете ги плодовите на природата, заменете ја нездравата индустриската храна со јаткасти плодови, семки, овошје и зеленчук од здрави и незагадени средини, а место газирани и вештачки пијалоци пијте свежо цедени сокови, чиста вода.
Резултатите од едно од многуте истражувања на Американскиот национален центар за биотехнологија, публикувани од Харвардовата школа за јавно здравје, покажуваат дека за заштита од срцевите заболувања лекарите препорачуваат исхрана со висока хранлива вредност, храна базирана на протеини и витамини, повеќе растителна храна, а помалку храна од животинско потекло што содржи и т.н. лоши масти.
Многу пати досега е докажано дека храната треба да биде разновидна, да се јаде почесто, но во помали оброци, да не се јаде тешка храна, да не се прејадуваме, ниту пак да се прегладнуваме. Два пати неделно месниот оброк да биде морска риба, а последниот оброк да биде најмалку три часа пред спиење. Треба да се избегнуваат големи количини леб, тестенини, торти, колачи.
Здравата храна може да ве заштити и од некои типови на рак. Најмалку пет порции овошје и зеленчук дневно го намалуваат ризикот од рак, благодарение на диеталните влакна, минералите и витамините во нив и нивното комбинирање. За сметка на диеталните влакна треба да се намали масната и брза храна и алкохолот, се вели во едно од истражувањата објавени од Харвардовата школа за јавно здравје.
Триесетина истражувачки центри низ светот дошле до заклучок дека секој трет жител на планетата не се храни здраво. Крајно време е да се промени тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.