Закариус Мусаи (46), муџахедин што издржува казна доживотен затвор поради соучестништво во нападите на зградата на Светскиот трговски центар на 11 септември 2001 година, изнесе шокантни тврдења на сметка на кралското семејство на Саудиска Арабија.
Тој изјави дека неименуван саудиски принц финансирал часови по летање на деветнаесет терористи, меѓу кои и Мусаи, кои подоцна учествувале во нападот на кулите-близначки.
Овие тврдења се наоѓаат во документи што се предадени на судиите на Федералниот суд во Оклахома, а во нив стои изјавата на Мусаи:„… саудискиот принц ми помогна во моите терористички активности… како и Осама бин Ладен“.
Тој, исто така, навел дека Бин Ладе во соработка со саудискиот принц планирал да изврши атентат и на Бил Клинтон, така што би го урнал претседателскиот авион на САД „ер форс 1“.
Државниот врв на Саудиска Арабија остро демантираше каква било поврзаност со нападот од 11 септември 2001 година тврдејќи дека тие се најблискиот сојузник на САД, а не нивни непријатели. Адвокати на обвинителството се сретнале со Мусаи минатиот месец во затворот во Колорадо со максимално обезбедување, каде што терористот издржува доживотен затвор без можност за помилување. Тие изјавиле дека материјалот што го добиле од осудениот муџахедин е „многу суштински“.
Сепак, многумина тврдат дека изјавите на Мусаи не треба да се земаат здраво за готово. Професорот од правниот факултет во Ричмонт Карл Тобајас вели дека кредибилитетот на Мусаи е сомнителен и дека смета дека неговото сведочење не треба лесно да се прифаќа како вистинито.
Мусаи, кој себеси се нарекува „роб на Алах“, првпат бил уапсен во април 2001 година кога вработените во училиштето за пилоти во Минесота го пријавиле в полиција. Терористот тогаш, наводно, инсистрал да пилотира „боинг 747“ иако немал пилотска дозвола. Подоцна е уапсен како еден од осомничените за нападите од 11 септември, а во 2005 година е осуден за соучесништво во терористичкиот чин.
За време на судењето тој постојано го навредувал судијата и се обидувал да ги отпушти адвокатите. Во еден момент се соочувал со смртна казна, но сепак поротата гласала против и го спасила од електрична столица. Еден од психолозите за време на судењето во своето сведочење го нарекол Мусаи параноиден шизофреничар, на што обвинетиот почнал да го исмева и да го навредува. Додека психологот ја напуштал судницата, Мусаи извикал: Луд или не? Прашање е сега!
Во прилог на тие што најмногу се сомневаат во исказот на Мусаи оди и снимката од 2006 година во која Осама бин Ладен негира каква било поврзаност со него.
– За мисијата регрутирав 19 браќа, но меѓу нив не беше братот Закариус. Тој нема никаква врска со 11 септември – наведува Бин Ладен во снимката.
Сепак адвокатите што го испрашувале сметаат дека материјалите што ги добиле од него се и тоа како суштински и корисни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.